* по повод првиот број на неговотo последно милениче, дневниот Фокус.
Никола Младенов: Колку чини слободата
После 16 години, неделникот "Фокус" прераснува во дневен весник. Во 1995-та, тој беше со нетрпение чекан од приврзениците на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, пак, на него се радуваат блиските на СДСМ. На почетокот бевме етикетирани како вмровци, денес сме жигосани како комуњари. Нормално, од власта. Или, поточно, од политичките партии, кои својата превртливост сакаат да ја оправдаат со некаква наша недоследност. Демек, ние сме биле тие што сме ја менувале страната. Вистината, пак, е сосема спротивна.
Политичките партии беа тие што ги менуваа ставовите, зависно од тоа, дали стануваа власт или заминуваа во опозиција. Штом ќе се добереа до власта, веднаш почнуваа да мрштат чела на се што ќе се дрзне да ги критикува. Паднеа ли од неа, автоматски вклучуваа мозок и го констатираа отсуството на можноста за слободно мислење и негово јавно изразување. Во тие моменти, среде паднатите властодршци, "Фокус" в миг се трансформираше од црн ѓавол, кој не им давал мир додека владееле, во безмалку единствен простор за пласирање на нивните опозициски мислења!
Очигледно, ништо не се променило во политички плуралната Македонија. Таа е само формално таква, а во суштина е сестра-близначка на социјалистичката и претходничка. И денес, како и тогаш, власта не бира средства во битката со оние што не мислат како неа. Настојува да ги замолчи на секој можен начин. Едни паѓаат на привилегиите што им ги нуди, други пропаѓаат во монтирани процеси од секаков тип, до кои никогаш не би дошло, доколку жртвата свиткала кичма и продолжела да пее по владеачките ноти. Законот повторно не важи за сите. Тоа, пак, не води до непомирливиот спор меѓу "Фокус" и секоја власт. Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарејќи на слепата послушност на партиското племе. И тука нема компромис!
За да дојдеме до посакуваната цел, за да станеме дел од современиот европски свет, ние мораме да создадеме простор за различното мислење, кое ќе се соопштува без страв од било какви последици. За таа цел, неделната доза се покажа недоволна, па, еве, стигнавме до дневен "Фокус". Во таа битка вложуваме се. Го заложуваме сопствениот личен и професионален интегритет. Неделниот "Фокус" ги вложува сопствените средства во дневното издание, за да остане свој, за да можеме секому да му кажеме што мислиме.
Но, многу повеќе, за да ги охрабриме сите граѓани, да знаат дека не се сами во желбата за создавање услови за живот, достоен на времето што го живееме. Со таа мисла, ве повикувам на ова возбудливо патување, кое на крајот ќе покаже дека нема цена, која не вреди да се плати за да се стигне до слободата. Само така ќе стигнеме до Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е!