За многу Американци, вклучително и Хилари Клинтон која веруваше дека изборите ги изгубила заради велешани, нашиот град во централна Република Македонија стана озлогласен затоа што беше седиште на досетливи измамници кои успеаа да ја монетизираат популарноста на Доналд Трамп во Америка и ширум светот, креирајќи неверојатно успешна индустрија на дигитални дезинформации и материјални понуди за американски патриоти и фанови на Трамп.
Онаа бабичка од почетокот на репортажата на Радио Слободна Европа, пред да се залета по „Трамп картичките“, има потрошено десетици илјади долари на сувенир банкноти, монети и друга меморабилија со ликот на Златокосиот.
Влегувајќи во затворените групи на Телеграм, новинарите на РСЕ, идентификувале 69 лица кои нуделе лажни картички, од кои две третини биле од Велес. А повеќето од 88-те веб-локации кои активно ги пренесуваат таквите производи на „американските патриоти“ биле со домени регистрирани во Рејкјавик, Исланд.
Во времето на американските избори во 2016-та година, од Велес грмеа преку 100 веб страници со лажни вести и примамливи кликања, со обилна помош од креираните Фејсбук групи.
Како фунционира шемата?
Извонредно едноставно: на американски интернат корисници им се сервираат приказни дека производите со ликот на Трамп - монети, налепници, поштенски марки... - во блиска иднина ќе станат вредна валута и ќе вредат милиони кога тој ќе се врати на власт.
Во игра се вмрежени индивидуални продавачи, комуникацијата се спроведува преку затворени канали на Телеграм а виртуелните маркетери објавуваат реклами на отворените канали на Телеграм, на кои се споделуваат и вести за кои се смета дека се од особен интерес за конзервативната американска публика.
Тука влетуваат „Трамп картичките“ со кои оние што ќе ги купат (а знаат да коштаат илјадници долари) ќе може да си ги наплатат парите од „вредните“ Трамп сувенири, откако дополнително ќе ги наполнат и со вистински пари.
Да, звучи екстремно глупо. Веројатно баш затоа и се покажало како екстремно ефикасно.
* целата сторија - овде