Во поставката „Јаглеродни мемории" оваа македонска уметница со седиште во Лондон ја истражува можноста за атомска меморија и нејзиниот потенцијал да влијае на иднината на човечката еволуција.
Целта на изложените дела е да фрлат светлина на централното прашање: дали јаглеродниот атом, кој е содржан во сите земски форми на живот, може да содржи податоци или меморија од сите свои досегашни состојби?
Теоријата за атомска меморија во 1959 година ја предложи теоретскиот физичар и добитник на Нобеловата награда за мир Ричард Фејнман, кој вели дека со текот на времето и со напредокот на технологијата, човечкиот род ќе може да складира податоци на атомско ниво.
Четириесет и три години подоцна, истражувањата ги покажуваат почетоците на атомската меморија што содржи мал дел од присуството или отсуството на еден силиконски атом. Бидејќи таквите технолошки достигнувања влијаат на напредокот на луѓето, ова истражување го поставува прашањето дали можеме да научиме да ги читаме податоците складирани во еден атом.
Црпејќи од теоријата на Фејнман, која конечно е реализирана во 2002 година, како и од филозофските дискусии, уметницата ја истражува приказната за јаглеродниот атом, гледајќи ги неговите хемиски својства како градбена тула на земскиот живот, како и неговите филозофски аспекти.
Почнувајќи од метеорит стар 4,6 милијарди години и завршувајќи со анимација за човекот на иднината, изложбата го следи патувањето на јаглеродниот атом од неговото раѓање во вселената и преку неговите манифестации во биосферата. Уреденоста на делата во просторот го става посетителот во улога на еден атом, водејќи го низ јаглеродниот циклус. Интерактивните инсталации, звучните објекти и анимациите ги покажуваат својствата на јаглеродот како медиум и како неопходен елемент во која било органска материја.
Изложбата е придружена со публикација што содржи текстови од Ива Петрова Димовски, д-р Мелентие Пандиловски и Елена Велјановска.
Куратор на „Јаглеродни мемории" е Ива Петрова Димовски, а изложбата ќе трае до 26 јуни 2016 година.
Кристина Пулејкова (Скопје, 1988) е мултимедијална уметница со седиште во Лондон, која работи помеѓу уметноста, науката и технологијата. Нејзини главни теми на интерес се времето, темпоралноста, екосистемите и механизмите, барајќи ја врската помеѓу човекот и машината, органското и механичкото. Дипломирала на Универзитетот за применети уметности во Виена и на Централ Сент Мартинс колеџот во Лондон.