
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа на 24 јануари годинава на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што филмот доби две престижни награди: наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Во август филмот имаше регионална премиера во официјалната програма на 31. Сараевски филмски фестивал, каде освои уште три признанија: Специјалната награда за перспектива на младите, наградата на филмскиот портал „Синеуропа“ и наградата од публиката за најдобар филм на фестивалот. До денес филмот е прикажан или селектиран на 40 фестивали во 10 земји и има освоено преку 20 награди, вклучувајќи ги признанијата од Санденс и Сарајево, како и повеќе награди во САД - Сонома, Лос Анџелес, Сиетл, Словачка, Чешка, Канада, Франција и Херцег Нови - Црна Гора каде филмот ја доби и наградата гранд при за најдобар филм на фестивалот.
Во претстојниот период „Диџеј Ахмет“ ќе има своја кино премиера и во Турција, ќе биде прикажан на престижниот BFI во Лондон, на филмскиот фестивал во Севиља и на многу други фестивали во Франција, Белгија, Германија и САД. Филмот има обезбедена кино-дистрибуција во сите европски земји, како и во Канада, Англија, Ирска, Австралија/Нов Зеланд, а во завршна фаза е договорот за САД. Со тоа, „Диџеј Ахмет“ е на пат да стане македонски филм со најголема кино-дистрибуција во поновата историја.
„Диџеј Ахмет“ е драма со примеси на комедија и ја следи приказната на петнаесетгодишниот Ахмет, тинејџер од јуручко село во Источна Македонија, кој наоѓа прибежиште во електронската музика. Во средина обележана со строги семејни очекувања и конзервативни норми, музиката станува негов простор на слобода и начин да го изрази својот идентитет. Неговиот пат кон созревање е полн со предизвици – очекувањата на таткото, традиционалната заедница и првата љубов со девојка која веќе е ветена на друг.
Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев и Аксел Мехмет, а во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф е Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, дизајн на звукот направи Павел Јан, монтажата ја потпишува Михал Раих, а кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема Футура“ и „Сектор Филм“ од Македонија, „Алтер Вижн“ и „Аналог Вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија како и „365 Филм“ од Хрватска. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Диџеј Ахмет“ доби поддршка од Агенцијата за филм на С.Македонија со 23,5 милиони денари, од националните фондови на копродуцентите и од паневропскиот фонд Еуримаж во висина од 160.000 евра.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври и ноември 2023г во селата Коџалија и Али Коч, во близина на Радовиш и во Скопје. Со својата уникатна приказна, меѓународен успех и широка дистрибуција, „Диџеј Ахмет“ претставува значаен момент за македонската кинематографија и од денеска е достапен за домашната публика.
(Комерцијален текст)