Целта на основачите на интернетот е да се создаде мрежа која ќе дозволи споделување информации, која ќе биде достапна од секаде и која ќе може да продолжи со работа и покрај претрпувањето на штета.
На Светската конференција за меѓународни телекомуникации треба да се обнови Регулацијата на меѓународните телекомуникации, чија последна ревизија е направена во 1988-ма. Овој акт го регулира начинот на кој функционираат телекомите низ светот. Одговорна за овој процес е Меѓународната телекомуникациска унија (МТУ), организација основана во 1865-та, за уредување на функционирањето на телеграфската мрежа. Унијата има годишен буџет од 200 милиони долари, кој во најголем дел се собира од членарината на 193-те држави и околу 700-те компании.
Потребата за апдејтување на регулацијата е неопходна ако се има во предвид дека од 1988-ма се случија повеќе работи: интернет, ВиФи, броудбенд, неколку генерации на мобилна телефонија, меѓународни дата центри. Сите овие работи значат и дека денес има илјадници компании кои одговараат за овие новини.
Првиот проблем со конференцијата е што таа е затворена за граѓанските здруженија и најразличните организации низ светот кои до сега помагаа во функционирањето на интернетот, вториот проблем е што сите документи и предлози за дополнување на регулативата воопшто не се дадени во јавноста да се разгледаат и на кој било начин да се коментираат.
Од ваквото однесување на МТУ речиси нема никој задоволен:
- во мај 30 организации за дигитални и човекови права од целиот свет испратија 3 барања до организацијата кои требаа да бидат исполнети пред почетокот на конференцијата.
- Гринпис и Меѓународната конфедерација на синдикати, ја започнаа кампањата Stop the net grab, во која бараа конференцијата да биде отворена и за организации кои не се членки.
- Европскиот парламент изгласа резолуција во која се нагласува дека "МТУ не е соодветното тело кое треба да има регулаторни овластувања над интернетот или интернет сообраќајот."
Генералниот секретар на организацијата Хамадун Туре, неуспешно се обидува да ги смири критичарите, објаснувајќи дека е неопходно О.Н. да го контролира проширувањето на интернетот на останатите две-третини од светот кои се офлајн. Тој постојано тврди и дека организацијата не може да ги донесе некои од порадикалните предлози, бидејќи за нив е потребен консензус.
Првиот спорен предлог (од Русија, Кина, Арапските држави и сл.) е секоја држава да има можност за цензура и мониторинг на интернетот. Вториот е финансиски, и во него се бара наплаќање на интернет сообраќајот на телеком компаниите од други држави.