Како што пишува Џејсон Кеблер во Мадерборд, ако ти треба нешто за да отвораш страни и да прегледуваш интернет тогаш Гугл Хром ти е најдобриот браусер во свет. Ама ако ти треба нешто за да отвориш неколку табови во исто време, Хром не е браусерот за тебе.
Пред да продолжи со поплаки околу Хром, поточно околу неразумното количество РАМ што го троши, Кеблер објаснува дека се префрлил на Опера, "браусер за кој претходно мислев дека е само за контраши". (Пред да стапне во Опера тој минува неколку фрустрации со Сафари и Фајрфокс.)
Предноста на Хром е што програмерите инсистираат своите сајтови да ги оптимизираат за најпопуларниот браусер што во моментот е Гугл Хром. Ова се прави на штета на Сафари и Фајрфокс. Неговото искуство со Сафари е дека иако добро ги менаџира ресурсите, има проблеми со одредени видео стримови, плус не користи фавикони, што е една од клучните потреби за секој што отвора многу табови (многу = над 15). Со Фајрфокс не минува баш најдобро, прво му е спор, второ има проблеми со компатибилност (користи Мекинтош).
Најголемиот дел од овие проблеми му се решаваат по неколку месеци користење Опера (во средата ја објавија новата верзија на браусерот).
"Вистинската привлечност на Опера е дека таа е во основа Хром ама со подобар, помалку катастрофален механизам на неуспех," пишува Кеблер.
Сличноста за која тој зборува е од тоа што Опера базирана на Блинк, енџинот што го користи и Хром, па работи речиси идентично како Хром без притоа да ги гуши ресурсите и да го успорува целиот компјутер.
Самиот портпарол на Опера, Јан Стандал, го изјавува истото:
"Она што ние правиме е оптимизирана верзија на Хром. Веб програмерите ги оптимизираат сајтовите за браусерот со најголем пазарен удел, што во моментов е Хром. И ние имаме бенефит од оваа оптимизација."
Кеблер главниот проблем на Хром го идентификува во она што некогаш беше негова главна предност: Хром се справува со секој таб како поединечен процес, па ако еден таб падне, тоа нема да го сруши целиот браусер.
"Оваа иновација - некогаш главна предност на браусерот - е една од причините зошто Хром денес е кошмар за користење. Како што почнавме да стартуваме моќни апликации во табови, а веб-страните станаа се пообемни со авто-плеј на видеа, скрипти за следење, и реклами, секој таб што ќе го отвориш има потенцијал да ги исцица ресурсите. И на крај така завршуваш со неколку табови кои користат повеќе гигабајти РАМ," пишува Кеблер.