Батали туристички брошури

Википедија како столб на туризмот

Додавање на неколку параграфи текст и неколку слики во Википедија статијата може да ги зголеми приходите од туризам на малите градови и места и за до 110.000 евра годишно. Не се многу пари, ама па и нема скоро никаков трошок.

Експериментот го прават економисти од колеџот Карло Алберто од Торино, кои доаѓаат до бројката дека неколку едноставни дополнувања на Википедија страната за едно место може да донесе екстра приходи.

Тие за студијата по случаен избор пикираат неколку градови низ Шпанија на чии Википедија страници прават „таргетирани подобрувања“, па додаваат неколку параграфи информација за нивните историски и локални атракции, и сето ова го дополнуваат со фотки во висока резолуција од тамошни локации.

За да не звучи дека правеле нешто недостижно напредно за што требало цела сала научници и автори, истражувачите само ги превеле текстовите за локациите, од шпанска Википедија на француски, германски, италијански или холандски јазик.

Додавање на само два параграфа текст и една фотка резултирале со зголемување на бројот на ноќевања за околу 9% во текот на туристичката сезона. За градовите кои немале речиси ништо на своите Википедија страници, и најмало дополнување довело до зголемување на ноќевањата за една третина.

Препораката до малите места, со 3 збора текст на Википедија, ако воопшто и ги има, е:

- Започни страница за твоето место на македонската Википедија (mk.wikipedia.org).

- Нека има барем 3-4 параграфи текст.

- Нека има барем 3-4 слики од нешто интересно или убаво за гледање.

- Преведи го ова на барем 4-5 светски јазици, и 2-3 од околината.

18 септември 2020 - 09:40