Она што до пред неколку години беше "неверојатен потенцијал на социјалните медиуми да ја збогатат демократијата" преку можноста обичниот граѓанин да има директен пристап до политичарите и сите останати што учествуваат во креирањето на политики, според Пост денес е поле за тролање и изживување што ги направи политичарите многу претпазливи во влегување во дијалог на овие платформи.
Бидејќи секоја директна размена претставува ризик за инстантно да бидат тролани, политичарите почнаа да ги користат овие алатки исклучиво само заради нивниот потенцијал за маркетинг и мобилизација.
"На Твитер политичарите можат да се промовираат себе си, да ги персонализираат своите пораки, и да го оформат својот имиџ без - ако така сакаат - да одговорат на ниту едно прашање од јавноста.
Ова го намалува па дури и елиминира потенцијалот на социјалните медиуми за отворено, интерактивно политичко дебатирање кое би довело до подобра информираност на нашите демократии," се порачува во новата студија на новинарите на Пост, објавена во Журналот на комуникации.
Тие во студијата анализираат податоци од твитовите на германски, грчки, шпански и британски кандидати кои се кандидирале на изборите за Европскиот парламент во 2014. Анализата е на содржината на твитовите, дали нивна цел било ангажирање на гласачите (наспроти само ширење на пораката) и дали одговорите на нив биле учтиви и пристојни.
"Околу 5% од сите твитови во кои се спомнати кандидатите се непристојни - меѓутоа овој процент е повисок за кандидатите кои се обидуваат да имаат интеракција со јавноста.
Како што се гледа на графиконите, пораките испратени од кандидатите кои се обидуваат да се поврзат со гласачите предизвикуваат гнев. Заштитени од нивната очигледна анонимност на Твитер, дел од луѓето одговараат со интеракциите (кои се обид за комуникација, а не само ширење на пораката) со малтретирање или напаѓање на кандидатите. Овој резултат останува ист и кога ќе споредиш различни кандидати на подолг период," објаснуваат авторите.
Тие имаат три заклучоци од нивната студија:
1. Политичарите не ги игнорираат граѓаните на социјалните медиуми, туку ги избегнуваат.
Иако дел од аналитичарите сметаат дека политичарите ги користат социјалните медиуми само за испраќање пораки, а не за разговор, студијата покажала дека добар дел од политичарите се обидуваат на Твитер да започнат дискусија со јавноста. Меѓутоа кога ќе го направат ова тие ризикуваат да станат мета на тролање, што пак бара многу ресурси за одбрана.
Неодамнешна студија на Телеграф покажува дека твитовите испратени од британските политичари само малцински преставуваат конструктивна критика или легитимна поплака. Најголемиот дел од она што ќе го кажат политичарите брзо станува предмет на константна лична злоупотреба.
2. Граѓаните и социјалните медиуми делумно се одговорни за одвраќање на политичарите од онлајн ангажирање.
Дури и оние што се волни директно да комуницираат, имаат добра причина зошто да не ризикуваат, бидејќи значително малцинство од корисниците има тенденција лошо да се однесува на интернет најмногу заради анонимноста што ја дозволуваат социјалните платформи.
Дел од одговорноста е и на интернет платформите, како Твитер, кој не се ни обидува ефективно да се справи со ваквото однесување.
3. Тролањето е штетно за демократијата.
Не само што тролањето ги тера политичарите да ги користат социјалните медиумите само за маркетинг а не и за интеракција, туку тоа е "корозивно и за општата онлајн политичка дискусија, бидејќи неучтивоста, онлајн малтретирањето и злоупотреба, го зголемува гневот, анксиозноста и аверзијата на другиот."
Тролањето го намалува и вкупниот квалитет на онлајн дискусиите, ги демобилизира граѓаните кои се тролани и го намалува задоволството од потенцијалот на платформата за разговор.