Со тоа што одлуката е донесена од Европскиот суд на правдата тоа значи дека таа ќе важи за сите понатамошни случаи на ниво на ЕУ.
Конкретниот случај е меѓу компанијата Retriever Sverige AB, интернет сервис базиран на претплата кој индексира линкови до статии што можат бесплатно да се најдат и група новинари чии статии биле индексирани.
Проблемот е што Retriever Sverige AB објавил линкови до статиите напишани од шведските новинари. Компанијата сметала дека за тоа нема потреба да им компензира на новинарите, ниту пак дека користењето на линковите претставува прекршување на авторски права.
Од друга страна новинарите чувствуваат дека со линкувањето на нивните статии Retriever Sverige AB ја "комуницирал" нивната работа во јавност без дозвола. Верувајќи дека треба да им биде платено новинарите ја даваат компанијата на суд. Во 2010-та тие го губат случајот и од таму одат на Апелација. Шведскиот Апелационен суд бара совет од Европскиот суд.
Тука ЕУ судот на правдата ја донесува следната одлука:
"Во околностите на овој случај треба да се има предвид дека со тоа што ќе направите достапно некое дело преку линк што може да се кликне, како она во случајов, не предизвикува делото кое е во прашање да биде достапно пред нова публика.
Публиката таргетирана од иницијалната комуникација е составена од сите потенцијални посетители на сајтот кој е во прашање, од тука, ако се има предвид дека делата на сајтот не се предмет на никакви мерки за ограничување, сите интернет корисници би можеле да пристапат до него.
Затоа, бидејќи нема нова публика, нема потреба од дозвола од сопствениците на авторските права за комуникација на ова дело пред јавноста, како што е случај во предметот."
На кратко - ако некоја содржина веќе е бесплатно достапна откако била објавена и нема никакви рестрикции за пристап до неа (претплата, членство...) линкувањето и ембедувањето на оваа содржина не значи емитување на нова публика и со тоа не е прекршување на законите на ЕУ.