Во медиумите секогаш имало куп глупости и булшит но си можел да трзнеш само на локалниот а не и на сите колпортери на светот кои нудат некакви бомбастични и „невидени“ содржини. Интернетот го обедини сето тоа на едно место и сега каде и да одите, колпортери викаат од сите страни.
Во книгата „Зошто Американците мразат медиуми и како е тоа важно“, Џонатан Лад потсетува дека првиот американски весник излегува во 1690 година и се вика „Јавни настани, како домашни така и странски“. Имале само еден број во кој пишувале како францускиот крал си дозволил извесни неморални слободи со сопругата на принцот. „Јавните настани“ веднаш добија забрана а за следниот весник ќе се чека 14 години и тоа со поинаква стратегија, дека објективноста и не мора да биде врвна вредност.
Бумот се случува кон крајот на 19-от век кога претплатата се напушта во корист на купувањето на лице место. Во тој бизнис модел битни стануваат колпортерите и, се разбира, бомбастичните наслови кои ја скокоткаат љубопитноста. Од тоа време се и оние квизови и тестови кои го откриваат карактерот на читателот и му предвидуваат што може да му се случи.
Во суштинска смисла, ништо од денешното срање не е ново, само што интернетот сето тоа го стави на едно купче. Она што се има сменето е односот на публиката кон информативните медиуми. Ако во 1973 година 14% од Американците биле оние кои „едвај да имаат доверба“ во пресот, во 2016 нивниот удел е 50%.
Џејмс Хамилтон е професорот по комуникации кој ја има поставено рамката на концептот зошто луѓето конзумираат вести. Се работи за прочуените 4 Д:
- Duty (луѓето чувствуваат дека имаат граѓанска обврска да бидат информирани)
- Diversion (некои луѓе, едноставно, се изгорени за политика)
- Drama (луѓето уживаат во натпреварувачкиот и неизвесниот елемент во политичките трки)
- Display (луѓето сакаат да го демонстрираат своето знаење во одредена група што им дава чувство на припадност и веруваат дека тоа им го засилува статусот во неа).
Последниве се особено занимливи, посебно во светот на социјалните медиуми, кога она што си го прочитал може да биде релевантно за конверзациите кои ги водиш по мрежите. Феноменот е сличен како со музиката; има луѓе кои си бараат музика која ним им лежи и ја сакаат без разлика на нејзината популарност, ама има и такви кои секогаш сакаат да држат чекор со топ листите, со тоа „што се слуша“, за да можат спремно да изреагираат кога ќе биде пуштено “хитче“.
Интернетот е феноменална алатка за оние со првите две Д. Денес на секој човек на располагање му стојат толку квалитетни информации колку што професор на Харвард можел да сонува пред 50 години. Само што социјалните мрежи го изедоа интернетот и тој стана место за оние со вторите две Д. Оние кои сакаат драма и оние кои сакаат на другите да им покажат дека „се во тек“. Затоа олнајн библиотеките немаат шанси со озборувачките блогови и портали.
Неодамнешниот вирален аудио феномен „Дали ви се слуша Јeни или Лорел“ одлично ги храни целите на денешните онлајн медиуми. Прави драма и создава спротивставени групи. Модерниот интернет е супер оптимизиран за креирање вакви феномени: сите знаат дека е некоја глупост во прашање ама никој не сака да изостане од „приказната“.
И нормално, се слуша Лорел.