Поголем багаж за патниците, повисоки казни за авиокомпаниите

Европратениците воведоа построги мерки против авиокомпаниите, кои битката за поголем профит ја водат врз грбот на патниците, набиени како сардини во авионите. Ќе биде зголемена отштетата што компаниите ќе мора да ја платат за одложувања на летови, а патниците ќе добијат право без доплата да носат поголеми и потешки куфери покрај рачниот багаж во кабините. 

Комитетот за транспорт на Европскиот парламент со 34 гласа за и ниту еден против ја усвои иницијативата за правата на патниците во авионските летови. Предложените мерки се спротивни на одлуките на Европската комисија и на Советот на ЕУ, кои се на страната на авиопревозниците, но со оглед на цврстата поддршка на мерките нема да имаат голем простор на преговорите што ќе траат со месеци.

Организацијата А4Е, која ги застапува компаниите Луфтханса, Ер Франс-КЛМ, Рајан Ер и Бритиш Ервејз ги оцени предлозите како „нереални“. Тие очекуваат најголеми загуби од зголемување на отштетата за одложени летови.

Сегашната регулатива предвидува да им исплатат надомест на патниците од 250 до 600 евра, во зависност од должината на рутата, ако летот доцни најмалку 3 часа. Во 2013 година Комисијата предложи прагот на доцнење да го зголеми на 5 часа за сите летови во рамките на ЕУ или за летови до 3.500 километри, на 9 часа за летови надвор од ЕУ помеѓу 3.500 и 6.000 километри и на 12 часа за летови надвор од ЕУ над 6.000 километри. Досието беше блокирано со години, се до јуни, кога Советот на ЕУ предложи предложи праг на доцнење од четири часа за летови во рамките на ЕУ, и шест часа за летови над 3.500 километри.

Според новиот предлог, дозволениот праг на доцнење треба да биде скратен на 3 часа, а минималната отштета да биде зголемена на 300 евра. 

Имаме неколку црвени линии. Првата е дека нема да прифатиме доцнење повеќе од три часа, по што патниците ќе имаат прави на надомест, вели Андреј Новаков од Европската народна партија.

Пратениците се единствени и во поддршката на правото на патниците бесплатно да носат во кабината едно парче багаж со тежина до 7 килограми, дури и во нискобуџетните авиокомпании, ако багажот остане во рамките на „максималните димензии од 100“ (збирот на должина, ширина и висина). Бесплатното носење мала рачна торба се подразбира.

Советот инсистира да се дозволи бесплатно внесување во кабината на само една торба со максимални димензии од 40-30-15 сантиметри, која може да се смести под предното седиште. Комисијата пред една недела покрена прекршочна постапка против Шпанија затоа што казнила авиокомпании што наплаќаат за поголеми рачни торби.

Патниците претпочитаат поевтини цени на билети и доплата за поголем рачен багаж, наместо поскапи билети, тврди организацијата А4Е во своја одбрана. 

Парламентарната комисија исто така инсистира патниците да имаат избор дали да добијат хартиена или дигитална карта за влез во авионот. Рајанер неодамна објави дека од 12 ноември нема да прима хартиени билети, туку само дигитални, преку официјалната апликација на мобилни уреди.

15 октомври 2025 - 12:45