Google Drive: Сè е твое мое

Гугл го пушти сервисот "Drive," кој дозволува бесплатно складирање на вашите фајлови на нивни хард-дискови. Само треба да му дозволите на Гугл да ги користи вашите фајлови како сака.

Гугл Драјв како модел е веќе одамна познат од сервисот Дропбокс, кој веќе неколку години владее со овој пазар. Освен Дропбокс, Гугл ќе треба да се натпреварува и со СкајДрајв на Микрософт.

За разлика од конкуренцијата, Драјв има многу "не-гугл" правила за користење. Според нив, кога вие ќе аплоудирате некоја слика на Драјв, автоматски му давате право на Гугл што сака да прави со неа, без да побара дозвола од вас. Под што сака, се подразбира и користење во печатени реклами, видеа и слични промоции. Исти права ќе имаат и компаниите со кои Гугл соработува.

Бонус, Гугл го задржува ова право дури и откако ќе ја избришете својата сметка на сервисот.

По зборовите на Гугл тоа звучи вака:

"Кога ќе аплоудираш или на некој друг начин ќе додадеш содржина на нашиот Сервис, на Гугл (и на тие со кои работиме) му даваш лиценца на светско ниво за користење, хостирање, зачувување, репродуцирање, модификување, создавање на изведени дела (како оние што се резултат од преводи, адаптации и други промени што би ги направиле за вашите содржини подобро да работат со нашите Сервиси), комуницирање, објавување, јавно прикажување и дистрибуирање на овие содржини. Правата што ни ги давате со оваа лиценца се со ограничена намена за управување, промовирање и подобрување на нашите сервиси, и развивање на нови. Оваа лиценца продолжува да важи, дури и кога ќе престанете да ги користите сервисите."

Практично ова значи, дека Гугл може да ги собере семејните фотографии што сте ги аплоудирале во Драјв, од истите да направи албум со слики, кој ќе го искористи за реклама.

За разлика од нив, Дропбокс и Скајдрајв не бараат никаква сопственост на вашите фајлови и нагласуваат дека истите никогаш не би ги споделиле со други.

 

25 април 2012 - 18:05