Франција конечно го доби france.com (на сила)

Американецот со француско потекло кој го има домејнот уште од 1994 остана без истиот откако француското министерство за надворешни работи со помош на француските судови одлучи дека france.com треба да им биде препишан на нив.

france.com во 1997

Жан-Ноел Фридман во 1994 го купува домејнот од Веб.ком, и на него поставува сајт кој служи како „дигитален киоск за франкофили и франкофони во САД.“ Фридман речиси 20 години својот бизнис (исто така познат како france.com) го гради околу сајтот често пати соработувајќи и со официјални француски органи, кои го вклучуваат и Генералниот конзулат во Лос Анџелес и Министерството за надворешни работи.

Некаде во 2015 истото ова министерство одлучува да поднесе тужба во име на Франција во обид да го добие домејнот во своја сопственост. Веб.ком го заклучува домејнот, и тој е ничиј се до септември 2017 кога апелациониот суд во Париз одлучува дека домејнот го прекршува законот за трговски марки. Со оваа пресуда адвокатите му испраќаат допис на Веб.ком во кој бараат префрлање на домејнот во сопственост на Франција.

Префрлувањето е проведено на 12 март 2018.

„Јас сум веројатно еден од најстарите муштерии на Веб.ком. Со нив сум веќе 24 години... и никогаш во овој период немало никаков случај против france.com, и тие само им го префрлија домејнот без воопшто да ме известат.

Никогаш не сум бил вака третиран од која било компанија на светот.

Ако ми се случи мене, може да му се случи на кого било,“ изјавил Фридман за Арс техника.

Фридман веќе поднел тужба во Вирџинија во обид да го добие домејнот во своја сопственост, во која меѓу другото се наведува дека француските власти никогаш не се ни обиделе да го контактираат или да му понудат да го купат или преземат домејнот. Во тужбата се наведени Франција, агенцијата за туризам на земјата, министерството и министерот за надворешни работи, и ВериСајн. Меѓу тужените го нема Веб.ком.

30 април 2018 - 10:46