Амандманот предложен од социјалистичкиот блок беше усвоен со тесно мнозинство од 11 наспроти 10 гласа - бидејќи на седницата учествувале само 35 од вкупно 577 пратеници, и покрај противењето на владата и известувачот за буџетот.
Во текстот експлицитно е наведено дека данокот е насочен кон технолошките гиганти како Гугл, Мета, Амазон и Нетфликс, за кои е проценето дека учествуваат со една половина од вкупните содржини на интернет.
Во пракса, ако мерката биде конечно усвоена, давателите на интернет услуги (ISP) ќе мора да ја мерат количината на податоци што провајдерите како Нетфликс им ги испраќаат на корисниците.
Операторите ќе ја доставуваат евиденцијата до надлежните органи, кои би биле одговорни за наплата на данокот, под надзор на Управата за јавни финансии.
Според резимето на амандманот, сообраќајот на податоци што се испорачува до претплатниците на интернет-провајдерите (ISP) во Франција изнесува 200 милијарди гигабајти годишно. Социјалистите, кои го изготвија текстот, очекуваат преку овој данок да се соберат меѓу 10 и 11 милијарди евра годишно.
Специјализираниот медиум Télé Satellite Numérique пресметал дека едно домаќинство од четири члена кое месечно гледа 200 часа видео на Netflix, YouTube и репризи од TF1 или France TV – би потрошило речиси 555 GB податоци месечно. Според оваа пресметка, давателите на содржини – како што се услугите за видео на барање – би требало да плаќаат данок од околу 30 евра месечно за типично домаќинство.
Нетфликс објаснува дека на еден час филм во 4K резолуција се трошат до 7 GB податоци. Со данок од 0,055 евра по гигабајт, тоа изнесува околу 38,5 центи данок за еден час, за секој екран во домаќинството. Според оваа стапка, за игра со големина од 150 GB би се платиле 8,25 евра данок.
Теоретски, данокот го плаќаат компаниите. Во пракса тие трошоци честопати, на еден или друг начин, завршуваат како повисоки цени за корисниците.