Според поранешната агентка на ЦИА, советничка на Бајден (додека е во Белата куќа), и вработена во Фејсбук, Јаел Ајзенстат, „Фејсбук те познава многу подобро од што ЦИА кога и да е ќе те запознае. Фејсбук знае повеќе за тебе од ти самиот што знаеш.“
Жената е во Фејсбук како дел од тимот за „справување со проблемот на мешање во изборите“, меѓутоа ја напушта компанијата по 6 месеци кога гледа дека ништо од тоа што и е ветено како обврски и задолженија во справувањето со проблемот не се остварува.
Додека е таму, Ајзенстат чувствува дека компанијата го прави минимумот потребен за да изгледа дека нешто работат околу проблемот. Околу странското мешање во изборите, таа објаснува дека тоа е најлесната работа што можеле да ја средат, „имаше огласувачи што платија во рубљи, такви проблеми не се многу тешки за справување“.
„Секое решение што го имавме беше под а) минимумот што компанијата можеше да го направи за да каже дека ја завршила работата, и под б) и понатаму одговорноста се префрлаше на некој друг,“ објаснува Ајзенстат.
Нејзина процена е дека никој не обрнува внимание на рекламите, туку дека целиот напор од компанијата е посветен на тоа како подолго време да ти го задржат вниманието, за да испорачаат што е можно повеќе реклами, макар тоа да е и по цена ширење клик-бејт наслови, невистини и вулгарности.
„Според мене најголемиот проблем што треба да се реши е бизнис моделот кој се храни со најужасните делови од она што нас нè прави луѓе,“ изјавува Ајзенстат.
Таа појаснува дека не е вина на Фејсбук, Твитер и Јутјуб што публиката бара такви содржини, нивна вина е што тие манипулираат и ги пренагласуваат овие содржини за да влезат во нашата психа и да нè држат залепени за екраните.