Британија со интернет цензурата ќе го стаса Иран

Високи американски функционери побараа од владата на Кир Стармер да го отфрли амандманот за блокада на услугата VPN, со која Британците може да ги заобиколат сè построгите ограничувања за пристап до интернет. Вашингтон предупредува дека тоа би бил прв чекор кон тиранија и дека Британија со степенот на интернет цензура ќе се изедначи со Иран.

Домот на лордовите во понеделникот усвои амандман на Законот за благосостојба на децата и училиштата, кој доколку биде одобрен од владата на Кир Стармер, практично ќе го забрани пристапот до интернет за малолетни лица. 

Тоа би било цензура и надзор на најниските, фундаментални слоеви на технолошкиот систем, изјави Сара Роџерс, потсекретарка за јавна дипломатија во Стејт департментот.

Употребата на VPN мрежи експлодираше во Британија откако минатата година со Законот за благосостојба беа воведени проверки на идентитет за да се утврди возраста на лица што пристапуваат до порнографски и други веб-страници со „штетен“ материјал што може да се однесува на самоповредување, нарушувања во исхраната или самоубиство.

Првиот чекор кон секоја тиранска цензура е да се прекине приватен пристап до интернет што владата не може директно да го контролира во име на „безбедноста“ и на тој начин да ја спречи слободната размена на идеи, изјави за Телеграф висок функционер од Стејт департментот.

Апликациите за социјални медиуми како што се X, Reddit и TikTok воведоа проверки на возраста, прилагодувајќи се кон британскиот закон. Сепак, VPN-мрежите им овозможуваат на тинејџерите да ги заобиколат проверките со канализирање на интернет сообраќајот преку друга земја. На сличен начин корисниците во Иран и во Кина ги пробиваат забраните и ограничувањата за пристап до содржините на интернет што не се по волја на властите.

Секогаш се шегувавме дека безбедноста на децата во Британија ќе пропадне затоа што тие само ќе се префрлат на VPN-мрежи и властите ќе мораат да попуштат. Ако го блокираат и VPN, ќе се изедначат со Кина или Иран, додава друг американски функционер.

Администрацијата на Доналд Трамп повеќепати ги критикуваше британските закони, тврдејќи дека во основа ја задушуват слободата на говорот и ја загрозуваат приватноста. Кога Илон Маск, сопственикот на Икс, беше во администрацијата, го притискаше претседателот Трамп да го вклучи ова прашање во трговските преговори со Лондон. 

Британија неодамна се закани дека може да ја забрани платформата Икс поради контроверзната алатка на Грок за генерирање слики на голи луѓе од реални фотографии. Американските власти најавија дека на евентуалната блокада на Икс ќе возвратат со забрани за патувања на владини функционери. 

28 јануари 2026 - 14:22