Во јуни годинава беше изгласан, а во октомври стапи на сила законот за контрола на интернетот кој ги опфаќа сите социјални медиуми кои имаат барем 2 милиона корисници во Германија. Такви, меѓу другите, се Фејсбук, Гугл и Твитер.
Според законот доколку која било од овие компании не успее да избрише пост или коментар кој е во спротивност на германските закони ќе биде казнета со 50 милиони евра пер пост/коментар. Во случаите во кои ништо не е спорно, времето за реагирање што компаниите го имаат на располагање е 24 часа.
За да не биде дека само сакаат да им ги земаат парите, властите на компаниите им дадоа фора до 1 јануари да го извежбаат спроведувањето на законот, а по овој рок почнуваат да важат казните.
Германските власти уште немаат точна бројка колку луѓе ќе работат на спроведување на законот, а според проценките на државниот секретар на германското министерство за правда, Герд Билен, ова треба да е некаде меѓу 170 и 180 луѓе. Истиот тој очекува дека годишно ќе добиваат меѓу 25 и 30 илјади поплаки.
Не секој злонамерен коментар ќе се казнува со новиот закон, па така ако некој напише „канцеларката е глупа“ тоа најверојатно ќе мине неказнети и покрај тоа што не е ниту добра, ниту паметна изјава. Од друга страна ако некој напише „За време на настапот на г-ѓа Меркел на тој и тој ден во Берлин, треба да и биде отсечена главата,“ тоа ќе се смета за прекршок.
Според Билен „законот е важна алатка за компаниите зад социјалните медиуми да бидат доведени во ред со другите медиуми во однос на нивната одговорност кон германската јавност.“