
Автомобилите што возат и на електрични батерии и на мотори со внатрешно согорување (PHEV) се промовирани од европските производители на автомобили како „начин да се патува подалеку без запирање, за разлика од целосно електричните автомобили, а сепак да се намалат емисиите на штетни гасови“. Тоа е голема измама.
Анализа на непрофитната група Транспорт и животна средина покажува дека овие хибриди испуштаат само 19% помалку CO2 од автомобилите со класични мотори со внатрешно согорување. Во декларациите, врз основа на лабораториските тестови, се наведува дека тие загадуваат 75% помалку.
Истражувачите анализирале податоци од вградените мерачи на потрошувачка на гориво на 800.000 автомобили регистрирани во Европа помеѓу 2021 и 2023 година. Тие откриле дека емисиите на јаглерод диоксид во реалноста од плаг-ин хибридите во 2023 година биле 4,9 пати поголеми од оние од стандардизираните лабораториски тестови. Во 2021 година односот бил 3,5.
Емисиите во реалноста се зголемуваат, а официјалните емисии се намалуваат. Овој јазот се зголемува и тоа е вистински проблем. PHEV возилата загадуваат речиси исто колку и бензинските автомобили, вели Софија Навас Голке, коавтор на извештајот.
Разликата од декларираната до реалната вредност, според истражувачите, е поради преценувањето на „факторот на корисност“ - односот помеѓу поминатите километри во електричен режим и вкупниот број поминати километри. Студијата открила дека во електричен режим биле поминати 27% од вкупните километри, а официјалните проценки биле 84%.
Дури и кога PHEV возеле во електричен режим, анализата покажа дека нивото на загадување било далеку над официјалните проценки. Eлектричните мотори не биле доволно моќни да работат сами, поради што за една третина од поминатото растојание црпеле помош од бензискиот мотор.
Производителите на хибридни автомобили вршат притисок врз ЕУ да ги разлабави мерките за забрана на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Во оваа иницијатива тие имаат поддршка од економиите што се потпираат на автомобилската индустрија.
Не смее да има драстично намалување во 2035 година, им порача на германските производители канцеларот Фридрих Мерц и им вети дека ќе направи сè што е во негова моќ за да го разубеди Брисел.
Потценувањето на емисиите на PHEV им овозможило на четири големи производители на автомобили да избегнат давачки од над 5 милијарди евра помеѓу 2021 и 2023 година, со тоа што вештачки помогнале да се исполнат целите на ЕУ за емисии на CO2. Цената за загадувањето им е префрлена на сопствениците на автомобили, кои годишно плаќаат по околу 500 евра повеќе.
Потрошувачите се измамени да веруваат дека со купувањето PHEV возила тие помагаат за животната средина и штедат пари. Плаг-ин хибридите всушност се малку подобри од обичните бензински и дизел автомобили, вели Колин Вокер, аналитичар во Групата за енергија и клима ECIU.