Проектираниот буџет за Сочи сега е 50 милијарди долари, повеќе и од до сега најскапата Олимпијада во историјата, Пекинг 2008-ма, која чинеше 42,6 милијарди долари. Кога Русија ја доби номинацијата во 2007-ма, планот беше да се потрошат 12 милијарди долари.
Еве некои од причините за рекордната сметка:
- Сочи веројатно не е најлогичното место за зимска Олимпијада. Ова е едно од најпознатите летни одморалишта во Русија, познато по суптропската клима во лето. Иако во зима сериозно паѓаат температурите, имаше загриженост дека годинава можеби и нема да биде доволно ладно. Заради ова тие уште минатата зима почнаа да собираат снег кој го распоредија на површина од неколку хектари, и цело лето го држеа покриен со термички ќебиња кои гарантираат дека околу 70% од него ќе биде добар и за оваа зима.
- Местото бара и големи градежни подвизи. Таков е случајот со 50-километарскиот автопат меѓу Сочи и Полјана, зимскиот ресорт на кој ќе се одржуваат трките во скијање и сноубординг. Сочи нема места на кои би можеле да се одржат овие натпревари.
- Русија има безбедносни проблеми на југот. Голем дел од парите ќе одат за обезбедување на зимската Олимпијада од евентуални терористички напади. Ова е сериозен (и оправдан) трошок за кој организаторите како Нагано или Ванкувер не мораа да се грижат.
- Корупција. На последното мерење на Индексот на Корупција на Транспаренси интернешнл, Русија беше на 127-то место од вкупно 175 држави. Се шпекулира дека околу 30 милијарди долари од буџетот се украдени.