Спејс Икс оди на берза, Илон Маск ќе стане првиот билионер

Кога кон средината на јуни Спејс Икс ќе се појави на берзата со проценета вредност од околу 1.500 милијарди долари, Илон Маск ќе стане првиот билионер на планетата. Но, тој го крева многу повисоко плафонот. На инвеститорите им најавува дека вкупната вредност на акциите на технолошкиот гигант ќе скокне до 28 билиони долари.

Стотици компании собраа вкупно 70 милијарди долари со продажба на акции на јавноста во САД во минатата година. Спејс Икс веќе во јуни би можел самиот да ја надмине таа бројка. Компанијата на Илон Маск вчера официјално ја поднесе потребната документација за да се појави на берзата. Почетната вредност на акциите се очекува да биде проценета на најмалку 1.500 милијарди долари, што е најголемата првична јавна понуда во историјата.

Проектирањето на оваа сума е деликатна операција. Сопствениците и раните инвеститори настојуваат да биде што е можно повисока, но и да биде доволно ниска за да привлече интерес од нови инвеститори што бараат профит.

Спејс Икс од пред неколку месеци е многу повеќе од вселенска компанија. Ракетите и вселенските мисии всушност се најмалиот елемент од групацијата.

Маск најавува можности за приходи од 28.500 милијарди долари – 26,5 билиони од проекти за вештачка интелигенција, преку компанијата xAI, 1.600 милијарди од широкопојасниот интернет преку мрежата од сателити Старлник, уште 740 милијарди од мобилните врски преку Старлинк и 370 милијарди од вселенски мисии.

Во образецот S-1, поднесен до Комисијата за хартии од вредност - владина агенција која ги надгледува финансиските пазари и де факто судија на Волстрит – Спејс Икс наведува длабок преглед на својот финансиски биланс, деловниот модел и потенцијалните ризици.

Документот има двојна намена да ја регистрира компанијата, но и да им помогне на потенцијалните инвеститори да донесат одлуки врз основа на информациите, објаснува JPMorgan.

Спејс Икс во документот објави дека лани остварил приходи од 18,6 милијарди долари и загуба од 4,9 милијарди. Во првите три месеци од оваа година имал нето профит од 400 милиони долари. Располага со средства од 102 милијарди долари (ракети и друга опрема), но има и долг од 60,5 милијарди.

Очекуваниот датум на јавна понуда е 12 јуни на берзата Nasdaq, но Спејс Икс сè уште не открил точно каква проценка очекува. Со повратните информации од инвеститорите што ќе ги одредат сумите во наредните недели, аналитичари предвидуваат рунда на собирање средства од околу 80 милијарди долари и историска почетна проценка од околу 1,5 билиони долари.

Тоа значи дека мнозинскиот удел на Маск вреди повеќе од 600 милијарди. Заедно со уделот на Маск во компанијата Тесла, вкупната вредност на неговите акции ќе надмине 1.000 милијарди долари – и тоа на првиот ден од котирањето на Спејс Икс на берзата.

По првичната јавна понуда, Маск ќе биде извршен директор, раководител на одделот за технологија и претседател на управниот одбор. Ќе задржи 12,3% од акциите од класа А и 93,6% од акциите од класа Б, како и мнозинскиот глас.

Ден Ивс, аналитичар од фирмата за финансиски услуги Ведбуш, предвидува дека Маск наскоро ќе го спои Спејс Икс со Тесла.

Маск сака да поседува и контролира поголем дел од екосистемот на вештачката интелигенција и чекор по чекор би можел да ги поврзе двата револуционерни гиганти кои сакаат да ја водат технолошката револуција, забележува Ивс.

21 мај 2026 - 08:03