Сè ќе поскапе, во Америка

Да, во Америка, ама брендовите се глобални, а исто и проблемите кои доведоа до поскапувањето, заради што сето ова и не е само американска работа.

Главно се работи за слабост на ланците на снабдување на големите производители како Проктер и Гембл или Џенерал Милс, кои се соочуваат константно растечки трошоци зад кои стои растечка побарувачка.

Економијата ова го објаснува како одраз на начинот на кој компаниите се справија со побарувачката за време на пандемијата.

„Пред да удри вирусот, најчесто малопродажбата ги апсорбираше трошоците кога снабдувачите ќе решеа да ги кренат цените, бидејќи силната конкуренција ги тераше да држат стабилни цени. Пандемијата го измени сето тоа.

Пандемијата создаде хаос и конфузија во глобалната испорака на производи, што доведе до недостаток на производи и раст на цените кои се прелеаа од фабриките преку пристаништата на продавниците па од таму врз потрошувачите. Кога удри пандемијата купувачките навики на Американците драстично се променија, па луѓето почнаа да трошат пари на ленти за трчање и на мебел за канцеларија, наместо да јадат во ресторани и да одат во кино.

Ова пак предизвика огромен притисок врз фабриките во Кина да ги произведат овие производи и да ги транспортираат преку Пацификот во контејнери. Меѓутоа побарувачката за транспорт значително го надмина бројот на достапни контејнери во Азија, што доведе до недостаток кој резултираше со повисоки цени за транспорт,“ пишува Џилијан Фридман во текстот за Њујорк тајмс.

Во март годинава цените на потрошувачките производи кои се следат како дел од американскиот Потрошувачки индекс на цени, пораснале за 0,6% што е најголем раст од август 2012 до денес. Во Британија инфлацијата во март достигнува 0,7 проценти, заради цената на нафтата и облеката.

Разликата од пред една година е што тогаш компаниите не можеа да кренат цени како резултат на ултра-побарувачката (на тоалет хартија, сапуни и сл.) а да не изгледаат како воени профитери.

Сега кога економијата почнува да се стабилизира, компаниите почнуваат да се пребројуваат па имаат поинакви економски пресметки и ребалансирање, кое има подобра претстава за очекуваниот профит, а предвид ја зема и инфлацијата, што ќе доведе до раст на цените.

„Ова не е опортунистичко профитирање од компаниите. Оваа е ресетирање на пазарот,“ објаснува Грег Портел од консултантската компанија Кирниј.

Растот на цените ќе биде овозможен и од чековите што ги пушта американската влада, која на дел од граѓаните ќе им ги покрие основните трошоци да можат да купат тоа што им е потребно, а оние што ги задржаа работните места за време на пандемијата сега ќе имаат дополнителни приходи што ќе можат да го потрошат на покривање на некоја од животните потреби, без разлика дали тоа било принтер и лаптоп, или некој луксуз како телевизор или реновирање на купатило или кујна.

„Моментално побарувачката е фискално стимулирана и е многу силна, па дури и да ги зголемиш цените, тоа не мора да значи дека ќе изгубиш удел во пазарот, бидејќи најголемиот дел од конкуренцијата го прави истото затоа што луѓето имаат средства за купување,“ објаснува главниот економист за САД од Оксфорд економикс, Грегори Дако.

Иако поскапувањето е очекувано, економистите не можат да се договорат дали после тоа ќе следува намалување на цените или тие ќе станат новата нормала.

29 април 2021 - 15:45