Комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот теснец продолжува да опаѓа, но потребата за извоз на нафта од Персискиот Залив е сè поитна, бидејќи ограничената понуда на глобалниот пазар повторно ја крена цената на барелот над 100 долари.
Според најновите податоци од Baltic Exchange, трошокот за превоз на нафта со танкер од Персискиот Залив до Кина преку блокираниот Ормуски проток достигна 1,035 милиони долари дневно. Цената првпат е со седум цифри. За споредба, според индексот Platts VLCC, дневниот трошок за пренос на сурова нафта на истата релација пред блокадата бил 208.000 долари.
Јоанис Пападимитриу, главен аналитичар за транспорт во компанијата Vortexa објаснува дека енормните трошоци за транспорт се последица и на ризикот на преминување на тесното поморско грло и на зголемената потреба за товарот.
Иако и САД и Иран отворија свои „коридори“ во теснецот, комерцијалните бродови и понатаму се цел на напади. Во петокот со проектили биле погодени два танкери.
Еден од факторите е геополитичкиот ризик и ризикот по имотот, во овој случај бродот. Ризикот расте поради нападите од типот „мило за драго“ помеѓу САД и Иран, како и нападите врз бродовите што доаѓаат од иранска територија, изјави Пападимитриу.
Зголемените трошоци за транспорт се префрлаат на рафинериите, кои не само што мора да се справуваат со повисоките транспортни трошоци и со подолгото чекање на испораките преку алтернативните поморски рути, туку и со зголемените цени на суровата нафта. Последиците веќе се гледаат на цените на дизелот, кои во САД првпат надминаа 6 долари за галон, што е за 60% повисоко ниво отколку пред војната со Иран.
Ова од друга страна им носи профит на бродските компании кои можат да си дозволат да ги платат премиите за своите бродови и транспортни услуги. Премиите за осигурување на транспортот сега изнесуваат околу 10% од вредноста на товарот на бродот, додека пред војната биле меѓу 0,5% и 1%.
„Кларксонс“ – најголемиот бродски брокер во светот, во минатиот квартал оствари рекордно висок оперативен профит, повисок за 55% во споредба со претходната година. Овие брокери функционираат како врска помеѓу сопствениците на бродови и носителите на товар.
Фондот за превоз на нафта BWET е зголемен за повеќе од 3.600% од почетокот на годината, покажуваат податоците на „Морнингстар“, што е показател за тоа колку инвеститорите се уверени во профитабилноста на бродските компании во овој момент.
Секогаш кога има зголемена геополитичка нестабилност што создава неефикасност во трговијата, всушност профитираат учесниците во секторот за поморски транспорт“, изјави Пападимитриу.