Двајцата комплетната власт му ја препуштаат на сегашниот ЦЕО на Гугл, Сундар Пичаи, и тоа во време кога компанијата кружи околу границата од 1.000 милијарди долари пазарна вредност.
Пејџ и Брин ја предаваат компанијата во период кога златното доба на хвалоспеви за Гугл личи како далечно минато. Иако парите уште се тука, Гугл (односно Алфабет) има проблем по основа задушување на работнички права, проблеми што им прави на медиумите, проблеми што прави во политиката со фејк њуз, активисти кои го напаѓаат по најразлични основи (од родови, до човекови права заради соработката со Кина, до проблематичната соработка со Пентагон), бројни тужби низ свет за монопол, правни проблеми околу криењето данок...
Се очекува дека двајцата времето ќе си го трошат на сопствени проекти финансирани од Гугл, нешто слично по примерот на Бил Гејтс, „водени од верувањето дека технологијата може да ги реши проблемите на планетава“.
За професорот од Харвард, Шејн Гринштајн, моментално водењето на Гугл „е невозможна мисија“. Проблемот кај Пејџ и Брин е што двајцата размислуваат технолошки, а проблемите со кои се соочува компанијата „не се ни приближно технолошки или научни“, туку многу повеќе се „корпоративни адвокати тип на проблеми, кон кои тие историски не беа ентузијасти.“
Пејџ и Брин се среќаваат како студенти на Станфорд во 1995, каде доаѓаат до подобар начин за рангирање на резултатите од интернет пребарувањето, како дел од проект за оценка. По некое време двајцата развиваат пребарувач кој се обидуваат да го продадат, ама никој не сака да им го купи, па од немајкаде решаваат да основаат компанија.
Во труд за Станфорд од 1998 двајцата обемно пишуваат за тоа како се против објавување на реклами на интернет пребарувачи бидејќи на тој начин пребарувачот ќе биде пристрасен да ги прикажува резултатите на оние кои најмногу платиле. Нормално тоа подоцна станува главниот модел на работа и заработувачка на компанијата.
Во 1999-та откако компанијата Бекраб ја преименуваат во Гугл, двајцата се пуштаат да го продадат својот пребарувач. Тие целосно сакаат да му го продадат Гугл на Ексајт (масовниот интернет портал) за неверојатна цена од 1 милион долари. Во преговорите тие дури и попуштаат и стигаат до крајна цена од 750.000 долари, но ЦЕО-то на Ексајт одбива да го купи.
По неколку години неверојатен раст, Пејџ и Брин сфаќаат дека не можат да продолжат да ја надгледуваат и контролираат најбрзо растечката компанија во корпоративната историја, па во 2001 Лари Пејџ својата позиција ЦЕО на Гугл му ја предава на новоангажираниот Ерик Шмит.
Во 2002-ра Гугл се уште е новата компанија а Јаху е интернет гигантот од невидени размери. Со целата своја габаритност Јаху чувствува дека за не дај боже треба да го купи Гугл, за во иднина да не му искомплицира работи. По оваа основа Јаху ја нуди тогаш неверојатната сума од 3 милијарди долари за Гугл кој тогаш се уште е стартап, со блед профит. За разлика од случајот со Ексајт, во оваа ситуација Пејџ и Брин се тие што не сакаат да бидат купени.
3 години по ангажманот на Шмит, во август 2004-та, Гугл излегува на берза, и продава акции за 1,7 милијарди долари со што вкупната вредност на компанијата достигнува 27 милијарди долари. Тогаш двојката решава да воведе акции од Б класа со право на супер-глас, кои ќе ги имаат само тие двајца, Шмит и уште неколку менаџери. Овие акции имаат 10 пати поголема тежина при гласање отколку акциите од А класа, што значи дека на Пејџ и Брин им се потребни само нешто над 50% од овие акции за да ја задржат контролата над компанијата. И ова останува така и ден денес. Подоцна оваа шема ја присвојуваат и други компании од Силициумската долина.
Во 2005 на инсистирање на Пејџ, Гугл го купува малиот стартап по име Андроид, по цена од 50 милиони долари. Следната година, 16-та вработена на Гугл, Сузан Вујчитски и жената во чија гаража буквално е основан Гугл, успева да ги убеди Пејџ и Брин за баснословни 1,6 милијарди долари да ја купат младата компанија со четириесетина вработени - Јутјуб. Гугл со тек на време успева да ангажира повеќе врвни програмери од Мозила Фајрфокс, и по предлог на тогаш продукт менаџерот Сундар Пичаи, нив ги користи во создавање на сопствен веб-браусер. Во септември 2008 (и покрај противењето на Шмит) Гугл го лансира - Хром.
2011-та Гугл ја почнува со враќање на Лари Пејџ како ЦЕО на компанијата, и заминување на Ерик Шмит, кој останува со советодавна улога како претседател на бордот.
Во претстојните години под Пејџ, Гугл го вади Гугл Икс, кој треба да се грижи за долгорочните проекти. Неуспешно ги пуштаат Гугл очилата, а успешно го разработуваат Андроид, го пуштаат својот прв смартфон, Нексус, упорно работат на автономни возила, експериментираат со вештачка интелигенција, го пуштаат облакот за општа употреба, и се зафаќаат со квантум компјутери.
Веќе со изгубена корпоративна невиност и распленетост во премногу полиња, во август 2015, Пејџ и Брин решаваат да основаат нова компанија - Алфабет, која ќе биде над Гугл. Со новата компанија, Пејџ и Брин се тргнати од секојдневната работа на Гугл и ја земаат позицијата на ЦЕО и Претседател на Алфабет, сега мајка компанија на Гугл.
Ова се смета за моментот кога двајцата решаваат да го напуштат управувањето на Гугл и да почнат да се повлекуваат од јавноста, притоа работејќи на сопствени проекти. Секако тие и понатаму ги зачувуваат своите управувачки акции. По ова Пејџ речиси исчезнува, и од 2016 тој нема јавно говорено на кој било настан или пригода. Слично е и со Брин (двајцата чат-пат може да се видат како шетаат заедно низ различни делови од Гуглплекс), кој повеќе години го нема во јавноста, а имаше ретко појавување во 2017 на аеродромот во Сан Франциско на протестот против одлуката на Трамп за укинувањето на визите.
Во време кога Сергеј Брин и Лари Пејџ си заминуваат, Гугл вреди 913 милијарди долари.