Сè ќе поскапе и сè ќе нема

Почнува добата на оскудност

Врските што ја држат глобалната економија и ја овозможуваат испораката на изобилие низ цел свет се пред распаѓање, а пукнатините што се појавија во светската економија ќе ја надживеат и пандемијата и војната, алармира Блумберг.

Распарчувањето на глобалните синџири за снабдување, широкоградо помогнато од војната во Украина и кинеското инсистирање на нула-ковид, по пресметките на Блумберг економикс ќе го намали глобалниот БДП за 2022 за 1600 милијарди долари.

„Три децении, дефинирачко обележје на светската економија беше способноста да се произведат уште повеќе продукти по уште пониски цени. Влезот на повеќе од една милијарда работници од Кина и поранешниот СССР на светскиот пазар на трудот, надополнет со паѓањето на трговските бариери и хипер-ефикасна логистика, за многумина создаде доба на изобилие.

Меѓутоа изминатите четири години донесоа ескалирачка серија на проблеми. Тарифите повеќекратно се зголемија за време на американско-кинеската војна. Пандемијата донесе карантини, а сега, санкциите и контролата на извоз го попречуваат снабдувањето со стока и производи.

Сето ова ги остави напредните економии соочени со проблем што мислеа дека одамна го снемало: проблем на оскудност,“ се објаснува во текстот на Блумберг.

Тие наведуваат неколку бројки, како тоа дека САД почна да наплаќа 5 пати поголеми тарифи на кинески производи, од 3 на 15%, а само од годинешната борба на Кинезите против ковид, страда извоз во вредност од стотици милијарди долари. Ако во 1983 само производите што биле предмет на санкции претставувале 0,3% од глобалниот БДП, во 2019 тоа е пет пати повеќе. Со руската инвазија на Украина бројката е уште повисока.

Едно гледиште е дека сето ова е предизвикано од расцепот меѓу западната демократија и слободни пазари и кинеско-руската авторитарност.

Блумберг економикс прави модел во кој ги спротивставува двете страни. Во него на трговијата меѓу двете страни отпаѓа 7% од глобалниот БДП. Ако на оваа бројка се стави тарифа од 25% (највисоката тарифа што САД и Кина меѓусебно си ја имаат наметнато), тогаш резултатот е следен:

„Глобалната трговија ќе се намали за некои си 20% и како дел од БДП-то ќе се врати на нивоата од крајот на 1990-те, пред Кина да се вклучи во СТО.

Сите држави ќе треба да ги префрлат своите ресурси на активности за кои помалку ги бива. Парче од продуктивноста кое се поврзува со трговијата ќе биде загубено.

На долг рок, враќање на глобализацијата од крајот на 1990-те ќе го остави светот посиромашен за 3,5% отколку ако се стабилизира на сегашниот удел од БДП, и 15% посиромашен во споредба со сценариото на засилување на глобалните врски,“ објаснуваат од Блумберг.

Во времето на Реган авторитарните држави (Кина, СССР...) учествуваат во глобалниот БДП со 20%. Во 2022 уделот им е 34%, а во претстојните години се очекува Кина да ги надрасне САД и Европа и овој процент да се зголеми.

Тие признаваат дека е малку веројатно дека поделбата ќе се изврши по вака чисти идеолошки линии, па на пример најголемата демократија во светот, Индија, не само што одбива да ја санкционира Русија, туку продолжува да купува нејзини енергенси и оружје. Слично е и со голем број други демократии од Азија и Латинска Америка.

„Дури и во најтешките моменти од американско-кинеската трговска војна помислата за екстремно разидување меѓу ривалските гео-политички кампови беше далечна. Нивото на меѓусебна зависност отелотворена во синџири за снабдување на компании како Епл, изгледаше премногу големо за расплетување.

Во 2022, со тарифите од трговската војна се уште актуелни, ковид криза која додава притисок за локализирање на синџирите за набавка и Русија исклучена од американскиот и европскиот пазар, тоа не изгледа премногу далечно.

Интензитетот на сегашниот шок од војната и пандемијата ќе избледе. Но не и фундаменталните проблеми што ја движат деглобализацијата. Подгответе се за свет со помал раст, повисоки цени и зголемена нестабилност,“ порачуваат од Блумберг.

19 мај 2022 - 14:02