Можат ли западни брендови да преживеат кинески гнев?

Што ќе се случи ако грчка компанија кога работи во Македонија изрази загриженост за правата на Грците во нашата земја? Нормално, Заев и Димитров уште еднаш би ни го смениле уставот само за да им направат ќеиф. Во Кина е поинаку.

Странски компании кои оперираат во Кина последниве години се под сè поголем притисок од кинески муштерии, најчесто заради културолошка нечувствителност на некои нивни рекламни и други потези или пак заради политички контроверзи.

Гневот се буста на социјални мрежи а во моментов, најмногу на удар се H&M но и Најк, Адидас и Пума - сите членки на иницијативата BCI (Better Cotton Initiative), која го промовира одржливото производство на памук.

„Секој кој ќе ги навреди Кинезите има да ја плати цената,“ без многу мислење околу нијансите на вордингот порача портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, во врска со западните компании на кои им се заканува бојкот заради нивната јавно искажана загриженост за човековите права на Ујгурите во провинцијата Синјанг.

H&M се блокирани на големите кинески платформи за е-трговија, локациите на нивните продавници исчезнаа од дигиталните мапи а 20 дуќани им остануваат затворени.

Не се први кои се соочуваат со гнев од кинеските потрошувачи а искуството на компании кои се нашле во таква ситуација е различно, некогаш лутината на Кинезите им минува брзо но некогаш заради тоа се губат огромни пари. 

Баленсијага и Брбери упаднаа во неволји поради незграпни понуди поврзани со кинески празници, а Долче и Габана го почувствуваа гневот откако извадија реклама во која Кинеска се мачи да јаде пица со стапчиња. После тоа, уделот на нивниот азиско-пацифички пазар во вкупниот промет на групацијата им падна од 25% на 22%.

Ништо помалку чувствителни Кинезите не се ни на политички замешателства. Откако менаџерот на Хјустон Рокетс, Дерил Мореј, изрази поддршка за протестите во Хонг-Конг, кинескиот државен бродкастер едноставно престана да ги пренесува дуелите на Рокетс.

28 април 2021 - 12:57