Американските земјоделци веќе работат со ваква технологија, и нивната механизација е опремена со ултра прецизни ГПС уреди, преку кои тие директно дознаваат кој дел од нивата колку принос дал секоја година. Подоцна кога ќе дојде ред за садење овие информации ги користат за да знаат на кој дел треба погусто да фрлат семе, на кој треба а поработат повеќе за подобрување на родот и слично. Податоците од ГПС-от се запишуваат на меморија па потоа можат да се обработуваат по најразлични основи.
До сега овие податоци ги имаше секој земјоделец за себе и тие не беа споделувани со никого. Од годинава Монсанто и Џон Диар започнаа две посебни програми со кои сакаат да почнат да ги собираат податоците од земјоделците, истите да ги обработуваат и да ги објават на куп.
Во основа и двете компании бараат од земјоделците да ги пренесуваат податоците од своите трактори директно во облакот, од каде што нивните сервери ќе ги превземаат и обработуваат.
Од Монсанто објаснуваат дека намерата им е да им помогнат на земјоделците да изберат перфектна комбинација на семиња за нивната почва и за климата, бидејќи со заедничките податоци од целиот регион ќе можат да извадат попрецизна слика. (Минатата година Монсанто за 1 милијарда долари ја купи компанијата Climate Corp. која прави детални временски прогнози.) Слична е намерата и на програмата на Џон Диар.
Од вака благородната идеја на двете мега-корпорации не се премногу воодушевени во Американската федерација на фармери, по неколку основи:
- На пример: вашиот локален продавач на семе може да има пристап до овие податоци, и тој исто така може да биде земјоделец, а со тоа и твој конкурент, кој со тебе ќе се наддава за земјиштето што и двајцата сакате да го земете под наем. "Одеднаш тој има многу повеќе информации за твојот капацитет и способност."
- Или ова: компаниите кои ги собираат податоците ќе знаат од минута во минута колку жито е ожнеано од десетици илјади ниви. Ова е вредна информација. "Тие би можеле да го манипулираат пазарот со ова. Тие само треба да ја знаат информацијата за тоа што се случува со жетвата неколку минути пред другите да дознаат. Не велиме дека ова ќе се случи. Само сме загрижени."