Логиката на автомобил од милион долари

Во изминатата деценија речиси секој производител на автомобили (барем тие што се претставуваат како луксузни) извадија модел со 7-цифрена вредност во долари. Како и за се, овие коли се' произведуваат затоа што некој ги купува.

Ламборџини Венено, произведено во 3 примерока. Цена: 4 милиони долари

"Работата е што има многу богати луѓе низ светот, и тоа супер богати - стотици милиони до милијарди долари нето вредност. Кога зборуваш за овој вид луѓе, автомобил од милион долари навистина не е нешто многу," објаснува извршниот пазарен аналитичар на Кели Блу Бук, Џек Нерад.

Од страна на производителите математиката е во поголемите маржи. На стандардно Ферари или Ламборџини маржата е околу 15%, а процентот само расте како што се доближува кон 7 цифри. Според Нерад, без разлика колку е скапо за производителот да постави посебна фабричка лента, автомобилите од милион долари пак му оставаат добар ќар.

Развивање на нормален автомобил чини околу 1 милијарда долари, ултра луксузните чинат далеку помалку од тоа, плус многу е полесно да се надоместат трошоците ако продаваш автомобил за милиони долари, отколку кога продаваш за 30.000.

Милионската верзија на Ролс Ројс почнува со основен модел на Фантом од околу 400.000 долари. На ова се додава посебна опрема: специјално дрво, боја и кожа кои можат да ја кренат сената за стотици илјади долари. По ова следува штимањето на целиот автомобил по мерка, рачно шиење на седиштата и ентериерот, додавање скапоцени камења, озвучување и монитори, и детално подесување на моторот, "и тука Фантомот ја надминува границата од милион долари." Минатиот месец во Женева, Ролс Ројс претстави Фантом од 1,5 милиони долари.

Комплетно посебна класа се т.нр. "halo car," автомобил чија поента не е да донесе пари, туку да го промовира брендот и да ја крене неговата вредност пред корисникот. Таков е случајот со Бугати Вејрон, кој е во сопственост на Фолксваген и за кој процените се дека со секој продаден автомобил компанијата е во минус од неколку милиони долари. Но сето тоа Фолксваген го надоместува со престижот што го добива. Слично е и со Ферари ФХХ, кој вреди 2,1 милион долари, и кој ја "шири елитната аура на Ферари на секој што ќе купи Ферари Калифорнија Т за 200.000 долари."

13 април 2015 - 15:04