Непријателските атаци и преземањата не се добра работа за банките и германската влада по тоа прашање е добро позиционирана“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за намерите на извршниот директор на италијанската УниКредит да ја преземе германската Комерцбанк.
Најголемото банкарско преземање во Европа веќе не е само возбудлив деловен трилер во кој германскиот менаџмент се бори против аквизицијата туку и тивка дипломатска војна меѓу Италија и Германија.
Иако тврдеше дека нема да купува акции во Комерцбанк без дозвола од германската влада, првиот човек на УниКредит, Андреа Орцел, неодамна купи 11,5% од уделот, и тоа само две недели откако првично купи 9% од акциите, со што отворено им фрли ракавица в лице на германскиот менаџмент и влада.
Германците изгледаат затечени од ваквиот храбар/дрзок потег кој ги менува односите на силите на европската банкарска сцена и порачаа дека веќе нема да продаваат акции од Комерцбанк. Од друга страна, Италијанците се чудат заради нервозните реакции од Берлин бидејќи Германија е таа која се залага за консолидација на европскиот банкарски сектор и развој на заеднички пазар на капитал.
Инаку, италијанската УниКредит е во далеку подобра кондиција од Комерцбанк. Лани акциите им пораснаа за 65% и е двојно попрофитабилна од германската банка.
Меѓутоа, откако неодамнешното воведување контрола на границите (со што практично го сруши Шенген) му донесе политички бенефит на Шолц со тоа што тој сепак освои повеќе од крајнодесничарската АфД на последните избори во Бранденбург, се очекува германскиот канцелар и во банкарскиот сектор да почне да зазема „патриотски“ позиции.