Ќе научат ли Американците да купуваат коли на европски начин?

Американец е навикнат да отиде до дилер на автомобили или до изложбен салон и од таму да се одвози до дома со чичка нова кола. Многу скапа навика е тоа, велат производителите и дилерите. Ќе си нарачаш каква што сакаш, па ќе почекаш да ти ја испорачаат.

Пореметувањата во глобалните ланци на снабдување кои доведоа до ситуација илјадници луѓе да не можат да си најдат кола каква што сакаат, би можеле да се пребродат ако Американците можат да се навикнат да нарачаат точно автомобил што го сакаат - боја, карактеристики, опрема, бандажи... - и потоа да чекаат месец, два, за тој да биде испорачан.

Вака Европејците купуваат автомобили уште од Втората светска војна, кога парите и материјалите беа дефицитарни, а фабриките се мачеа да закрепнат. Но, Американците се навикнати да отидат до салон и од таму да се одвозат дома со нов автомобил.

Некои компании велат дека планираат трајно да се префрлат на систем базиран на нарачки, почнувајќи од нивните нови линии на електрични возила. Форд Мотор, на пример, се обидува да направи шема со  нарачки за својот нов и многу баран Мустанг Мах. Нудат и попуст од 1.000 долари на оние кои однапред ќе нарачаат возило.

„Не можете да замислите колку пари трошиме на нагаѓање кој микс од комбинација ќе биде добитен за некој нов модел“, вели извршниот директор на Форд, Џим Фарли, истакнувајќи дека моделот по нарачка е многу поефикасен за водење на бизнисот.

Трупањето голем број автомобили, камиони и теренци е огромно трошење на профитот и за дилерите и за производителите на автомобили. Дилерите треба да ги покријат трошоците за финансирање на сите оние автомобили кои седат наоколу и чекаат купувач. А авто-производителите обично завршуваат со производство на повеќе автомобили отколку што треба, со надеж дека ќе ја задоволат желбата на секој купувач. Тоа значи повеќе делови, повеќе работна сила и повеќе трошоци.

Сето тоа завршува со трошење дополнителни пари, за маркетинг и стимулации, како би се исчистиле залихите на помалку бараните комбинации.

3 јануари 2022 - 15:54