Кина во март продала соларни панели колку што има цела Шпанија

Војната во Иран ја остави Кина без нафта, но ѝ донесе неверојатно огромен профит од продажба на соларни плочи. Логиката е јасна – енергетската криза преку ноќ го зголеми интересот за системите за алтернативните извори за генерирање струја, а Кина во производството отиде најдалеку во светот, без да се откаже целосно од централите што трошат фосилни горива.

Само во првиот месец откако САД и Израел ја почнаа војната против Иран, Кина двојно го зголемила извозот на соларни панели. Според „Јејл Енвиромент 360“ Кина во март продала системи со фотоволтаични ќелии и силиконски плочки со капацитет да генерираат 68 гигавати електрична енергија.

За споредба, САД планираат во текот на 2026 и 2027 година да го зголемат својот капацитет за генерирање струја од сончеви централи на 70 гигавати.

Извозот на Кина за еден месец, исто така, е поголем од вкупниот капацитет на соларни централи што Шпанија го инсталирала во изминатата деценија.

Според податоци од тинк-тенкот „Ембер Енерџи“, зголемениот извоз главно е последица на зголемената побарувачка во Азија и Африка по блокадата на танкерите преку Ормускиот проток.

Кинескиот извоз на соларни капацитети во Африка се зголемил за 176%. Продажбата во Азија достигнала вкупен капацитет од 39 гигавати. Дури 55 земји во март поставиле историски рекорд на увоз на соларни панели од Кина.

Ки Чин, аналитичар во Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, објаснува дека за порастот на извоз придонело и приближувањето на крајниот рок на даночни олеснувања за кинеската соларна индустрија, кој заврши на 1 април. Порастот на цената на енергијата поради војната во Иран само го зајакнале трендот и веројатно ќе го задржат на среден рок.

Извезените количини се апсолутно огромни. Во текот на наредните месеци ќе биде појасно колку биле поврзани со даночниот попуст, а колку е последица на зголемената побарувачка, но секако, голем дел од ова е одговор на енергетската криза, оцени Јуан Греам, виш аналитичар во Ембер.

30 април 2026 - 14:19