Кина ја збриша европската соларна индустрија

Еве еден сериозен парадокс и дилема за Европа: како што континентот прави сè за побрзо да стане зелен и да се ослободи од омразениот јаглерод, така истовремено станува сè позависен од увоз од Кина, нејзиниот главен економски и политички ривал. Кина во моментов контролира 80% од глобалниот ланец за производство на соларни панели. Европа? Три посто.

 

„Колку е лоша соларната ситуација? Многу. Индустријата на ЕУ предупредува дека ѝ остануваат само неколку недели пред да пукне секторот“, пишува Политико.

Весникот алармира дека кинескиот бизнис модел ги убива последните европски компании кои произведуваат соларни панели. Проблемот е во суштина економски и пазарен, но Политико успева да додаде и политичка димензија: повеќето соларни панели доаѓале од провинцијата Шинџијанг која имала особени проблеми со почитување на човековите права (оти Израел, на пример, нема).

„Ако во следните неколку месеци не дојде до силен политички сигнал од ЕУ, главнината од европската индустрија ќе биде мртва“, запомага генералниот секретар на европскиот совет за соларно производство, Јохан Линдал.

Европските технократи се бавни и по оваа тема па се сведуваат на „изразување загриженост за сериозноста на проблемот“ и ветувања за „поблиска соработка“ со европските производители.

Се разбира, Кинезите растураат на пазарот првенствено со цени и масовно производство. Европските производители бараат и финансиски инјекции и трговски бариери, со цел пазарната конкурентност да се жртвува во име на некаква заштита на долгорочните национални интереси.

6 февруари 2024 - 12:17