Како Трамп ја направи владата акционер во приватни компании

Постои капитализам на слободен пазар и државен капитализам. Некаде помеѓу е капитализмот на Трамп. Нетипично за републиканците, владата сè почесто го наметнува својот авторитет врз приватниот сектор и посегнува по акции на компании, наводно за да ја заштити националната безбедност, но со ризик да го наруши слободниот пазар.

Администрацијата на Трамп доби значителни акции во приватни компании за критични минерали, кои се клучни за индустриите и националната одбрана, за да се спротивстави на доминацијата на Кина. 

Кина има контрола од 70% врз производството на критични минерали и 90% врз нивната преработка. Ако го оставите пазарот да си го прави своето, нема да можете да ѝ конкурирате на кинеската доминација, вели  Кели Ан Шо, помошничка на претседателот за меѓународни економски прашања во првиот мандат на Трамп.

Многу индустриски развиени земји, особено во Западна Европа, задржаа поголема улога на владата во економијата, вклучително и делумна или целосна државна сопственост на значајни компании и сектори како што е здравствената заштита. Кина прерасна во економска суперсила во последните децении со целосно прифаќање на робусна државна улога во капиталистичката економија.

Но, пристапот на Трамп се протега многу подалеку од загриженоста за националната безбедност. Уделите на американските корпорации ги држат разни агенции, вклучувајќи ги Пентагон и Министерството за трговија.

Гледаме како владата се повеќе се вклучува во различни аспекти на економијата, што е отстапување од по традиционалниот републикански пристап од минатиот век, додава Шо.

Владата објави директни инвестиции во најмалку десет компании, вклучувајќи 10% удел во акциите на Интел и „златна акција“ на УС Стил, која ѝ дава моќ да влијае врз одлуките.

Трамп лани во август побара оставка од Лип-Бу Тан, извршен директор на Интел, откако беа објавени вести за неговите активности во Кина. Четири дена подоцна, Трамп го прими Тан во Белата куќа, а 11 дена подоцна, Министерството за трговија објави дека ќе купи 10% од акциите на Интел за 8,9 милијарди долари.

Тан влезе за да ја задржи својата позиција и на крајот ни даде 10 милијарди долари за САД, изјави тогаш Трамп. 

Тргнувајќи од примерот на Тан, директори на компании се загрижени дека ќе се најдат во негова позиција и бараат совети како да настапат на состаноците во Овалната соба со претседателот и со министерот за трговија Хауард Лутник за да ги одбијат без да го навлечат нивниот гнев.

Главното прашање за директорите е дали се спремни да ѝ дадат нешто на администрацијата? Ако не се, тие бараат совети за најдобриот начин како да ја сменат темата без да предизвикаат тензии, велат лобисти за Волстрит журнал.

Администрацијата во април водеше разговори со нискобуџетниот авиопревозник Спирит ерлајнс за да го спаси со заем од 500 милиони долари во замена за значителен удел на САД. Компанијата понудила 80%, а Трамп барал 90%. Акционерите на Спирит ја одбија понудата, владата се повлече од преговорите, а Спирит згасна.

Претставници на Белата куќа велат дека пристапот на Трамп кон економската политика ја одразува долгогодишната фрустрација на гласачите од големиот бизнис.

Кога на луѓето им треба нешто, мислам дека треба да преземеме удели во компании. Сега, некои би рекле дека тоа не звучи многу американско. Всушност, мислам дека е многу американско, изјави неодамна Трамп за Волстрит журнал.

Џејк Саливан, поранешен советник за национална безбедност на Џо Бајден, е загрижен дека инвестициите на администрацијата во компаниите би можеле да ги пореметат пазарите и да ги наградат соработниците на претседателот. Но тој признава дека некои од напорите на Трамп одразуваат нов двопартиски консензус за користење на индустриската политика како алатка за националната безбедност - дури и на сметка на економијата на слободниот пазар.

8 мај 2026 - 15:35