Европската комисија ги информирала производителите на возила дека од следниот месец кинеските електрични автомобили увезени во ЕУ ќе имаат дополнителни давачки од 17 до 38 проценти, згора на постојните 10%.
Пример, за големите кинески извозници, како БЈД, давачките ќе бидат плус 17 до 20%, а дополнителни тарифи (од 21%) ќе бидат воведени и за европски брендови како Мерцедес и Рено кои произведуваат електрични возила во Кина па потоа ги извезуваат во Европа.
Најголеми тарифи, од 38%, ќе бидат воведени за оние компании кои не соработуваа со европската истрага, како шангајски САИК, кој преку брендот МГ доминираше на европскиот пазар за евтини ЕВ.
Тарифите треба почнат да важат од 4 јули, а од Европската комисија оставаат простор до тогаш да договорат нешто со кинеските власти што би ја подобрило ситуацијата.
Од Кина потегот на ЕУ го нарекоа „неинформиран и незаконит“, предупредувајќи дека тие ќе ги преземат „сите неопходни мерки“ за заштита на правата на кинеските компании.
Од Берлин предупредувањето до Брисел е дека ова ќе доведе до скапа трговска војна со Кина, а со тарифите не се согласуваат ни Шведска, ни Унгарија.
Процената на Киел институтот е дека дополнителни 20% тарифи на кинеските ЕВ ќе го намали увозот за околу една четвртина, што е еднакво на околу 125.000 автомобили или некои си 4 милијарди долари. Уделот на ЕВ увезени од Кина пораснал од 4% во 2020 на 25 проценти во септември 2023.
ЕК тврди дека кинеските производители и нивните снабдувачи добиле субвенционирани кредити, даночни олеснувања и евтино земјиште.