Епл минатата недела на речиси 2.000 свои вработени на проектот од ведро небо им соопштува дека се откажува од плановите за производство на електричен автомобил. Одлуката ја споделува ЦОО-то на Епл, Џеф Вилијамс и потпретседателот Кевин Линч, кој е задолжен за проектот.
Одлуката е да почне да се намалува бројот на членовите на тимот што работи на автомобилот и истите полека да се префрлаат во одделот за вештачка интелигенција, кој се смета за приоритет на Епл.
На хардвер инженерите што работеа на возилото и дизајнерите на возила ќе им биде дозволено да аплицираат на други позиции и други Епл тимови. Ќе има и луѓе што ќе бидат отпуштени, но не е познато колку.
Блумберг смета дека соопштението е „олеснување“ за инвеститорите, што го покажува и растот на вредноста на акциите на компанијата за 1%.
Епл почна да работи на електрично автономно возило во 2014, и беше замислено нивниот модел да има внатрешност на лимузина, управувана со гласовни команди, без волан и педали. Проектот и тимот од почеток имаа проблеми, а раководството беше сменето неколку пати.
Сериозен придонес кон одлуката на Епл има и падот на интересот за електрични возила и намалената продажба што се последица на високите цени и недостатокот на инфраструктура за полнење.
Пред одлуката за гасење на проектот Епл, кој во тимот успеа да собере луѓе од Астон Мартин, Ламборџини, БМВ и Порше, размислуваше за одложување на премиерата на првиот автомобил до 2028.
Последната информација беше дека Епл планира цената на возилото да биде околу 100.000 евра. Стравот на директорите на Епл беше дека со оваа цена Епл нема да заработува како што обично заработува од другите проекти.