Над еден век траат надежите дека електричните возила еден ден ќе ги заменат моторите со внатрешно согорување и ќе пратат во музеи.
Бидејќи слободниот пазар не успеа да испорача ваков епилог, последниве децении запнуваат државите со субвенции и - засега - правно обврзувачко постепено укинување на традиционалните мотори.
И ова не го даде ефект: глобалната продажба на електрични продолжува да расте, но темпото забавува.
Проценките велат дека за да се постигне флота на возила со целосно нулта емисија до 2050 година, ќе биде неопходно да се прекине продажбата на возила со мотори со согорување до 2038 година.
Во моментов тоа не изгледа најреално.
Британската влада најави ублажување на правилата за електрични возила во услови кога индустријата во Европа страда не успевајќи да се натпреварува со Кина а поставените цели се осакатувачки. Побарувачката е слаба а британските производители бараат нови владини стимулации за да ги убедат потрошувачите.
Eуфоријата околу eлектричните често ги замаглува фактите од теренот. Вредноста на уделот на електричните лани достигна 18% на глобално ниво и денес на патиштата има 40 милиони електрични, но и 1,5 милијарди традиционални автомобили. Со други зборови, првите сочинуваат околу 2,7% од сите автомобили ширум светот, и потребна е огромна доза на оптимизам за да се верува дека оваа бројка може да биде близу 100% во следните 25 години.
Башка проблем е политизацијата на прашањето. Во контекст на поделбата лево-десно, електричните возила се гледаат како симбол на Грета Тунберг и нет нула, додека моторот со внатрешно согорување како симбол на слободата.
Во Германија, и конзервативната ЦДУ и десничарската АфД сакаат да ја поништат забраната на ЕУ за бензински и дизел автомобили од 2035 година. Во Италија, член на владата на Мелони ги нарече правилата „апсурдни“. Австриската Партија на слободата - од септември најсилната партија во парламентот - го повторува истото, како и Реформската партија на Обединетото кралство.
Отаде океанот, колку и да е близок со Маск, Доналд Трамп вети дека нема да има забрана за традиционални мотори за време на неговиот мандат.
Се чини дека усвојувањето на електричните и глобалното политичко вртење кон десно се некомпатибилни.
„Кога ќе се размисли кој од овие два тренда е поверојатно да продолжи во наредната деценија, станува јасно дека електричните возила во скоро време нема да ги поништат традиционалните“, пишува Ралф Шолхамер.