Јуанот постојано губи на вредност од средината на април годинава, а пред нешто повеќе од една недела тој падна на најниското ниво во изминатата деценија.
Ваквата положба на јуанот ни најмалку не и се допаѓа на администрацијата на Трамп која не може да ги смисли намалувањата на вредноста на кинеската валута во однос на доларот, бидејќи тоа им дава директна предност на кинеските извозници.
Од друга страна ниту Кинезите не се нешто многу наклонети кон слабеењето на јуанот, знаејќи дека иако тоа може да се употреби во трговските војни (како онаа што моментално ја имаат со САД), најчесто мерката им се враќа како бумеранг на оние што ја користат. По оваа основа и владата последниве недели се труди да го закрепне јуанот.
Иако не прави многу разлика дали доларот ќе биде 7,002 јуани или 6,998 јуани, станува збор за симболиката на минувањето на бројот 7 која во анализата на Њујорк тајмс се објаснува како подготвеност на кинеските власти да дозволат дополнително ослабување на сопствената валута.
„Ова на кинеските сопственици на фабрики би им дало предност кога ќе сакаат своите производи да ги продаваат во САД. А исто така ќе ги поткопа и дополнителните тарифи што администрацијата на Трамп ги наметна на кинески производи во вредност од 250 милијарди долари,“ се објаснува во текстот на Њујорк тајмс.
Примерот што го даваат тие е: ако како кинески производител продаваш украсни розови фламинга во САД за 1 долар парче (цената е на големо, па на нејзе американскиот препродавач ќе ги додаде и своите трошоци) тогаш со една продажба добиваш 6 јуани. Меѓутоа ако вредноста падне на 7 јуани за долар, тогаш фламингото од 1 долар на тебе ти носи 7 јуани од продажба, или па можеш да ја намалиш цената од 1 долар на 85,7 центи и повторно да ги заработиш твоите 6 јуани. Во исто време твојот американски конкурент кој мора да купува и продава во долари, мора неволно да ги намалува цените за да ти конкурира.
Втор мегдан се дополнителните тарифи на Трамп кои моментално изнесуваат околу 10% од вредноста на производите, па ако јуанот падне за 10%, кинеските производители се на нула со тарифите.
Иако последниве децении кинеските власти се озогласени за штелување на вредноста на јуанот, овој пат не е баш сè на нивен грб. Ова се гледа и од постапките на официјален Пекинг кој веќе неколку месеци се обидува да го спречи падот на вредноста, на што само од залихата на странски валути во септември годинава потроши околу 20 милијарди долари.