Реалната сума оставена од Американците на облози веројатно е уште повисока од 166 милијарди долари, затоа што во билансот за 2025 година не се сметаат обложувањата преку платформи за пазари на предвидувања како Калши и Полимаркет, кои брзо се проширија откако добија федерално одобрение. Плус, некои сојузни држави како Флорида, Вашингтон и Висконсин дозволуваат обложување преку казина на домородните заедници, кои не се обврзани јавно да го откријат својот биланс.
Економистот Виктор Матесон од колеџот „Холи Крос“ проценува дека вистинскиот обем на спортски обложувања се приближува до 300 милијарди долари.
За споредба, заработката од кино-благајните во Северна Америка во 2025 година изнесувала 8,87 милијарди долари (што е сè уште 22% под нивото пред пандемијата), приходите од снимена музика достигнале рекордни 11,5 милијарди долари, концертите и фестивалите донеле 18,5 милијарди долари, издавачите на книги пријавиле приход од 14,6 милијарди долари, а музеите оствариле 16,4 милијарди долари. Сè заедно, вкупниот износ е околу 70 милијарди долари.
Просечниот возрасен Американец минатата година оставил по околу 1.000 долари во легални облози на спорт. Над 90% им се враќа на обложувачите во форма на добивки, што може да се толкува дека секој Американец годишно губи по 100 долари.

Тоа не изгледа како голем трошок. Вистинската криза е распределбата на загубите. Приближно 95% од вкупните загуби погодуваат само 5% од обложувачите, мала група која се обложува на големо, не само поради забава. Платформите се дизајнирани да ги идентификуваат и задржат токму овие големи корисници.
Тие имаат информации од прва рака кога луѓето си заминуваат. Им даваат понуди и промоции, вклучувајќи бесплатни облози. Слично на стариот, нелегален систем на обложување во кој на губитниците им се давало кредит за да можат да си ги вратат парите. Ги промовираат понудите како да се „бесплатни“, иако знаеме дека всушност не е така, вели Матесон.
Спортското обложување најсилно привлекува млади мажи со високо образование, група која претходно се држеше настрана од традиционалните игри на среќа. Обложувалниците создаваат илузија дека корисникот има доволно информации со кои може да го предвиди исходот, за разлика од лотариските лозови или рулетот во казино. Но, пазарите се креирани да ја неутрализираат секоја предност за која обложувачите мислат дека ја имаат. Сите информации веќе се вградени во коефициентите.
Без темелна анализа на просечната загуба од 100 долари годишно, тешко е да се процени дали Американците кратат од другите форми на забава за да имаат повеќе пари за обложување. Неодамнешна студија покажа дека во државите во кои спортското обложување е легално се зголемиле доцнењата на подмирување на долгот на кредитните картички кај миленијалците и генерацијата Z. Во овие држави, исто така, има пад на продажбата на лотариските лозови.
******
Види и: Интернетот се претвора во една огромна кладилница