Освен што плаќа данок од 7,4 милиони фунти, филијалата на Амазон успеа да собере уште 1,3 милиони фунти во даночни олеснувања од британската влада, кои ќе може да ги одбие од идните даночни пресметки.
Компанијата чија пазарна вредност пред некое време надмина 500 милијарди долари (386 милијарди фунти), го доби даночното олеснување од 1,3 милиони фунти заради серија давачки, меѓу кои и 36 милиони фунти платени како награди за менаџерите и вработените на британската подружница.
По оваа мерка, профитот на Амазон пред данок се преполови од 48 милиони во 2015 на 24 милиони фунти минатата година.
На портпаролот на компанијата не му е јасно во што е проблемот:
"Ние ги подмируваме сите даноци што сме должни да ги платиме во Британија или во секоја земја во која работиме. Корпоративниот данок се базира на профит, а не на приходи, а нашиот профит и понатаму останува низок имајќи ги предвид нашите постојани инвестиции и тоа што малопродажбата е високо-конкурентски бизнис со ниски маргини."
Приходите на компанијата од продажбата во Британија се пријавуваат преку посебна компанија основана во Луксембург и не се јавно достапни. Меѓутоа, од американските берзантски извештаи на Амазон се знае дека приходите на компанијата во Британија во 2016 достигнале 7,3 милијарди фунти.