Животот на шивачките во Бугарија:

Вистинските жртви на модата

Бугарските текстилни работнички шијат за Хуго Бос и други ексклузивни брендови. Живеат во земја која одамна е членка на ЕУ и НАТО. Имаат два мали проблема: што газдите често ги третираат како роботи и што за целото црнчење земаат мизерни пари.

Галина е една од нив која успеала да избега од тој вртлог и сега е во Англија каде наместо скапи костуми, потшива евтини џемпери, за шест пати поголема плата.

„Се чувствував како машина, ама буквално како машина. Ќе се вратиш од работа, ќе јадеш, ќе спиеш 3-4 саати и ај одново... Стресот во Бугарија беше огромен. Земав меѓу 260 и 280 евра, шефот никогаш не ми веруваше дека сум болна дури и кога горев од температура. И овде шијам, за околу 1.800 евра месечно. Само три месеци сум во Велика Британија и веќе се чувствувам подобро и поздраво,“ вели Галина.

Таа е од Гоце Делчев, бугарски град со 40.000 население од кој се проценува дека на Запад се имаат отселено околу 2.500 луѓе. Откако Бугарија влезе во ЕУ, градот има добиено околу 50 милиони евра европски пари, но секојдневието кое го опишува Галина е единствената реалност со која се соочуваат илјада и кусур нејзини колешки.

Работат во фабриката Пирин-Текс на Германецот Филип Ролман, кој претходно ја држел фабриката во Грција но ја преселил во Бугарија кога трошоците во Грција почнале да растат. Од негова перспектива бизнисот изгледа добро. Вика дека, чисто заради сигурност.  би можел да префли дел од бизнисот во Африка или централна Азија ама - жалослив човек - не можело туку така да се остават на цедило 1.800 луѓе кои ги држи во Пирин-Текс.

Од автоматизација и компјутеризација, неговите работнички имаат видено 1.700 компјутерски таблети, по еден за секоја шивачка, ама не за друго туку за детално да ги регистрираат сите нивни потези. Оттука, ретко која успева да ја достигне високо поставената норма иако важат за едни од највештите шивачки на кои им се доволни пет секунди за да зашијат ногавица од панталона. Во просек, дофрлуваат до 60% од нормата што влијае врз парите кои ги добиваат на крајот на месецот.  

„Со овој таблет систем го контролираме целиот производствен процес. Тоа е најдобриот систем кој сме го имале. Со овие таблети можеме да контролираме сè; секоја поединечна активност, секоја операција, сечие време, сечија ефикасност,“ гордо ќе каже една надзорничка во фабриката.

Парите се главниот проблем и некои работнички се чудат како нивни колешки можат да штрајкуваат за поголеми плати и во Бангладеш додека тие молчешкум се појавуваат на работа секое сабајле во 5:30 часот. 

„Нашите колешки од западна Европа би се смееле да слушнат колкави плати земаме. Но, ако, подобро е да се смееш отколку да плачеш... Ама, дали сме ние европски граѓани од втор ред? Дали тоа лошо кроиме или шиеме? Јадеме ли ние помалку од нашите колешки во западна Европа?“, прашува Елка.

Бугарскиот миниамелц е најнизок во ЕУ. И покрај 10 процентното покачување во јануари оваа година, тој изнесува само 286 евра.

Во Романија е 440 евра.

Во Франција е 1.500 евра.

 

14 февруари 2019 - 09:22