Помалиот брат на Џорџ Дуплове Буш беше збунет .
„Значи, вие сте Албанка“, ја прашал Нил Буш поранешната косовска амбасадорка во Приштина. „Да,“ му одговорила таа на братот на екс претседателот, кој само што шофер со Ренџ Ровер го довозел од Македонија.
„Ама, ако сите вие сте Албанци, зошто тогаш својата земја ја нарекувате Косово?“, прашал фамилијарно недоветниот Буш.
„Не дека тоа реално беше важно. Како и цела парада други истакнати Американци кои продефилираа низ земјата во изминатиот четврт век, Буш не беше дојден за да го запознава Косово. Тој беше тука за да направи пари како дел од групата предводена од пензионираниот американски генерал Весли К. Кларк, кој сака да инвестира во енергетскиот сектор на земјата,“ пишува Метју Карчигник во Политико.
Малиот Буш се возел по пат кој го градеше американскиот инфраструктурен гигант Бехтел, за кој косовскиот министер кој го потпиша договорот, минатиот месец беше осуден на три месеци затвор затоа што преплатил минимум 50 милиони евра повеќе отколку што требало (спиеш ли мирно, Бочварски?).
И покрај овој скандал, нема сомнение дека Косово е добар залак за многу американски бизниси таму. Дали самото Косово има корист од тоа е веќе покомплицирано прашање, на кое треба да се замисли Киев кој ги убедува Американците да останат ангажирани, вклучително со помош во мамутската задача за обнова на инфраструктурата уништена во војната.
„За Украина, задачата да ја поправaт уништената инфраструктура ќе биде застрашувачки, генерациски предизвик. За корпоративна Америка, тоа ќе биде само уште една бизнис можност. Ако Косово е некаков водич, Украинците треба да внимаваат што посакуваат“.
Во секој конфликт во кој Американците биле вмешани со децении наназад, од Ирак, преку Авганистан, до малото Косово, расчистувањето го водела екипа од компанијата позната како „САД.“
„Со текот на времето, политичката волја во Вашингтон за останување ангажиран во некоја земја бледее, откако големите бизниси ќе го исцедат она што може да се исцеди со нивното присуство таму.“
Поранашен косовски министер му се пожалил на новинарот на Политико:
„Тоа ми е една од најголемите мистерии. Како една држава како Америка која вложи значајни ресурси и политички капитал за од Косово да направи функционална држава, одеднаш ја испушти топката? Американците едноставно заборавија на Косово“.
Неуспехот на фамозниот американски наратив за „градење нации“ можеби може да се разбере во големи и комплицирани држави како Ирак и Авганистан, ама, Косово?
Со БДП од околу 10 милијарди долари, косовската економија е помала од онаа на Вермонт, најмалата американска држава според економската активност.
Во Косово Американците не мораа да истураат трилиони долари. Згора на тоа, обожувани се таму: земјата е полна со споменици, булевари и плоштади именувани по Американци кои помогнале да се прогласи независност: Клинтон, Олбрајт, Кларк, Боб Дол... Косовската влада едно време сериозно размислуваше да крстат и езеро по Доналд Трамп.
Иако доста американски пари сепак влегоа во Косово, поблизок поглед на работите открива дека приоритетите на Вашингтон биле формирани повеќе од краткорочните американски бизнис интереси, отколку од обезбедувањето на земјата на она што навистина ѝ требаше.
Најеклатантен пример за таквиот неуспех е енергетската инфраструктура на земјата. Цела една генерација после војната со Србија, снабдувањето со електрична енергија на Косово сè уште зависи од две крш електрани на јаглен, од кои постарата почна да работи уште во 1962 година, и тоа со половни турбини на Вестингхаус и Џенерал Електрик.
Стапката на невработеност на Косово е меѓу најголемите во Европа, до пред две години со просек од 27%, делумно поради тоа што многумина работат непријавени.
Очајната економска перспектива повлече егзодус на младите. Околу 800.000 луѓе од Косово живеат во странство, главно по Европа. Домашната економија е зависна од парите што ги праќаат иселените, кои сочинуваат околу 15 отсто од БДП-то. Миграциските проблеми најверојатно ќе се влошат годинава, по укинувањето на визите за ЕУ..
Не само што Косово има еден од најниските БДП по глава на жител во Европа и стапка на сиромаштија од над 20 проценти, туку е загушено од корупција и политички превирања, пишува Политико.
Следниот месец се одбележува 25-годишнината од воената интервенција предводена од САД. Земјата која прогласи независност од Србија во 2008 година, и денес не е независна бидејќи е американски протекторат.
Најголемата инсталација на американската војска на Балканот, базата Бондстил, која има капацитет од 7.000 војници но во која обично се стационирани околу илјада, во американската армија важи за „Заборавениот батаљон.“
Метју Карчигник го опишува проектот за автопат на Бехтел на Косово (за да ги убедат дека им треба го завикале „Патриотски автопат“) и како тогашниот амбасадор на САД во Косово подоцна заврши како вработен на Бехтел, нешто што ние уште подетално го опишавме во „Како Косово доби скап автопат кој не му треба?“(март, 2021).
Пишува и како лани починатата Медлин Олбрајт се имаше настрвено по косовските телекомуникации, поточно приватизацијата на државниот телеком оператор и тоа кога веќе имаше удел во приватен оператор. Мораше да се откаже од тој план после еден текст во Њујорк Тајмс кој на насловната страница напиша дека тоа смрди на преголема концентрација на економска моќ.
Но ако старата не доживеа да ги реализира своите планови на Косово, нејзината фамилија и соработниците уште се активни. Нејзината ќерка Алис е извршен на Millennium Challenge Corporation, американска група која доделува грантови за развој a оној Џејмс О' Брајан кој сега мешетари по Косово и Македонија, кога таа беше државен секретар ѝ беше виш советник за подоцна да стане заменик шеф на управниот одбор на нејзината консултантска фирма.
Генерал Весли Кларк, пак, се имаше намерачено да обезбеди права на огромните резерви на лигнит што ги има Косово. Плановите му пропаднаа кога УНДП, во извештајот за „Проценка на ризикот од корупција“ во 2016 наведе дека тој проект е дежаву на автопатот на Бехтел.
Мислите Кларк се има откажано од својот „косовски сон“ откако му пропаднаа плановите со лигнитот? Никако. Неодамна се сретна со Курти и други косовски фактори, овојпат како потенцијален пионер во енергетската транзиција кон „обновливи извори“.
Но, и за таа мустра имама детално пишувано во „Весли Кларк не се откажува лесно од Трета светска војна“ (октомври, 2017)
25 години поминаа откако Американците покренаа огромна воена и политичка машинерија за да се откорне Косово од Србија и да добие независност. Четврт век подоцна, Косово има сериозна корупција, сериозно нерешени проблеми со северот во кој живеат Срби, има 800.000 луѓе иселени, запустена енергетска мрежа, има еден од најмалите БДП-а во Европа, стапка на сиромаштија над 20%....
Ама, јелда, е стратешки партнер на САД.