Бочварски ќе нè штител од Бехтел, ај важи

Ако ЕУ не ги притиснат нашиве, како што тоа своевремено го направија со Хрватска, да се откаже од директно договарање со Бехтел и да оди на меѓународен јавен тендер (заради транспарентност и спуштање цена), тогаш е јасно каков е планот на Унијата за Македонија. Никаков.

Македонската влада недамна потпиша меморандум за разбирање со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот 10.

Меморандумот не е достапен.

Власта тврди дека „Бехтел и Енка“ сами се понудиле за оваа бизнис-зделка. Од каде знаеја Бехтел и Енка дека планирате изградба на коридорите, прашуваат новинари:

„Видете, тоа е...“ немушто пробува да одговори за „360 степени“ министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Изведувачкиот гигант Бехтел е поврзан со високи цени, слаба транспарентност и сомневања за корупција. Шестмесечен истражувачки проект на новинарската школа на калифорнискиот Беркли вели дека проектите на Бехтел се непотребен луксуз за земјите во кои се градело и дека проблемите биле видливи и пред да бидат удрени првите лопати.

Бидејќи нема тендер, ќе има само една понуда на „Бехтел и Енка“, за што Владата директно ќе преговара.

„Не постои ниту еден валиден аргумент кој би го оправдал ова грубо заобиколување на Законот за јавни набавки“, вели Сабина Факиќ (Центар за граѓански комуникации) според која единственото законско решение е објавување на меѓународен оглас а тендерската и проектната документација да ја изготви стручен тим ангажиран од  владата а не од изведувачот, бидејќи негово е да го штити својот интерес, а на владата е да го штити нашиот, односно јавниот интерес на државата.

Бехтел и Енка правеа автопат на Косово, иако сите релевантни институции (ММФ, Светска банка) ја доведуваа во прашање неговата оправданост и економска исплатливост. Светска банка во 2010 предупредува дека само две од деветте секции на патот (оние кои се најблиску до Приштина) ќе бидат економски исплатливи.

„Она што се предвидуваше прво да чини нешто како проект од 300 милиони евра, чинеше повеќе од 1,1 милијарда евра“, вели Бесaр Ликмета, уредник на „БИРН Албанија“.

Главен промотер на проектот „Бехтел- Косово“ е тогашниот амбасадор на САД во Косово, фамозниот Кристофер Дел. Една година по напуштањето на Косово, Дел станува специјален претставник во Мозамбик. На Бехтел!

  • Бехтел градеше одамна и во Романија. Проект кој се претвора во децениска ноќна мора и чиј сув остаток е: за добиени 64% од парите, Бехтел испорачал 12,5% од договорот.
  • Во Хрватска Бехтел гради еден пат, со директен договор и без наддавање во 1998 година. Кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобира за втор договор со Бехтел по урнек на првиот, се открива дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма Патон Богс која имала договор за лобирање со - Бехтел. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажува од директно договарање и оди на јавен тендер.

Знаејќи го сиот овој багаж, македонската влада сепак тргнува во директно договарање, гордо сликајќи се овдешниот еквивалент на Кристофер Дел, американската амбасадорка Брнс (бар неа да не ја мислиме за во иднина).

Вмровците знаеле за ваквата намера, ама немале изградено став: чекале детали, не брзале со заклучоци... Ама јасно, тие истото го правеа со Кинезите па затоа сега се серат од робии, обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони долари. 

Добро, не е сè така тмурно.

Министерот за транспорт и врски ветува транспарентен процес, широка дебата и дека во секој момент и фаза, ќе се води сметка за заштита на интересот на државата.

Значи, без секирации.

Бочварски ќе нè штити од моќниот Бехтел.

Бочварски.

*******

Види:

360 степени: Невладини алармираат за ризик од корупција во директната зделка со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопати

Офф.нет: Како Косово доби скап автопат кој не му треба?

14 април 2021 - 18:51