Во ноември 2013 година, Косово доби 77 километри долг и модерен автопат со четири ленти „за само“ 1,3 милијарди долари, односно за речиси 17 милиони долари за еден километар.
Денес тој автопат е практично празен и се користи со само една третина неговиот капацитет, за што зборуваат и локалните сообраќајни податоци и проценките на меѓународни институции.
Автопатот минува низ еден од најсиромашните џебови на југоисточна Европа, потсетува Форин Полиси. Еден од тројца Косовари живее во сиромаштија (со помалку од 2,18 долари дневно) и се соочува со сериозни инфраструктурни недостатоци (во 2012 година, 58% од домаќинствата имале „пак снема вода“ на дневна база). Во 2013, дури секој седми Косовар имал кола што е една од најниските стапки на поседување автомобил во Европа.
„Црната асфалтна вена денеска штрчи во балканскиот пејсаж, како да ѝ се потсмева на околната сиромаштија во некоја сурова Дикенсовска шала.“
Уште е нејасно кому требаше да му служи толку амбициозен автопат. Јасно е само дека тој проект е само еден од балканските проекти на изведувачкиот гигант Бехтел кој е поврзан со високи цени, слаба транспарентност и сомневања за корупција. Шестмесечен истражувачки проект на новинарската школа на калифорнискиот Беркли вели дека проектите на Бехтел се непотребен луксуз за земјите во кои се градело и дека проблемите биле видливи и пред да бидат удрени првите лопати.
Улогата на тогашниот амбасадор на САД во Косово, фамозниот Кристофер Дел, кој по своето влијание и улога во косовските политики имал ранг на монарх е дел од тоа проблематично бришење на линијата меѓу американската надворешна политика и корпоративните интереси.
Дел јасно и гласно го брани автопатот за кој договор беше потпишан во 2010 година, иако потребата од него ја доведуваат во прашање многу релевантни меѓународни институции. На пример Светската банка во чиј извештај од истата таа 2010 година се вели дека само две од деветте секции на патот (оние кои се најблиску до Приштина) ќе бидат економски исплатливи.
Кристофер Дел ја напушта Приштина во 2012 година, прифаќа една друга дипломатска позиција за веќе следната, 2013, да се пензионира од Стејт Департментот. Само еден месец подоцна, Бехтел го ангажира Дел како свој специјален претставник во Мозамбик.
Бехтел е баш гигант; станува збор за најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји и пред десетина години вртеле 40 милијарди долари годишно.
Во 1998 корпорацијата постигна договор за градење автопат во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобира за втор договор со Бехтел по урнек на првиот, се открива дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма Патон Богс која имала договор за лобирање со - Бехтел. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажа од директно договарање и отиде на јавен тендер.
Сличен e случајот и со Романија каде во 2003 година беше постигнат директен договор за модернизирање на речиси непостоечки автопат, за цена од 2,7 милијарди долари. Проектот станува 10 годишна ноќна мора за обете страни; одложувања, спорови, меѓусебни обвинувања за уцени и корупција. Сув остаток: за добиени 64% од парите, Бехтел испорачал 12,5% од договорот.
Надвор од вклучените страни, ретко кој го видел договорот за косовскиот автопат; тоа не му успеало ни на специјалниот меѓународен претставник на Косово Питер Феит, кој комплетно бил тргнат настрана.
„Беше бизарно еден западен дипломат (мисли на американскиот амбасадор - н.з.), така директно да се спротивстави на препораките од Светската банка и ММФ. Незамисливо е поради бизнис интереси да се дискредитира целата меѓународна мисија на Косово која се темели на борба против корупција, јакнење на институции и промовирање на владеењето на правото“, вели холандскиот дипломат Феит.
Полн со самодоверба бидејќи работи под диригентска палка на американскиот амбасадор, тогашниот косовски премиер Хашим Тачи во серија приватни писма ја обвинува претставничката на Светската банка дека погрешно го оценува менаџирањето на големите проекти на неговата влада и дека автопатот е договорен во најдобар интерес за косовскиот народ (подоцна со подигнување на хашко обвининие против него, ќе биде потсетен дека не е само Америка на светов).
Фрапантната сума од 1,3 милијарди долари е постигната на веќе виден начин, со договор кој вели дека конечната цена ќе биде утврдена откако сè ќе биде завршено, што остава простор за безброј анекси на договорот.
„Никој не беше против пат, ама беше против начинот на кој беше договорен и изграден. Можевме да имаме и убав пат и да ни останат пари за здравство и образование“ вели Љумир Абдиџику, извршен директор на Риинвест институтот за развојни истражувања во Приштина.
Според некои протечени делови од договорот, во него има навистина бесрамни ставки: на пример се предвидуваат 53 милиони долари за пренесување на опремата и механизацијата. А таа била на самата граница (со Албанија) бидејќи Бехтел го градел и тој дел од автопатот. Само за преминување на границата - 53 милиони долари.
„Правилото гласи: која држава бомбардира, таа држава после ги добива договорите,“ вели за ФП западен консултант со повеќегодишно искуство од Балканот.
„Бомбите се скапа работа“.
п.с. Македонијо, кажи драгичка!
п.п.с. Малку предисторија