Без разлика колку е на место аргументот дека Србија има легитимна потреба да го модернизира своето вооружување и воени капацитети, на него само му наштетува кога во равенката ќе се вклучат српските медиуми кои направија јунаци од новиот српски воен арсенал. Па така, обновувањето српската армија е инспирација за насловни страни со наслови како "Путин ќе ја брани Србија со оружје", "Пристигнува С-300", "Војската на Србија ќе грми кога ќе пристигнат новите мигови", "Меркаме ракети и радари"...
"Меѓутоа тука постои еден друг феномен, а тоа милитаризацијата која медиумите ја спроведуваат како некаква пропагандна кампања. Мислам дека создавањето таква атмосфера одговара на некои меѓународни интереси, кои ја надминуваат Србија и кои спроведуваат пропаганда на ниво на цела Европа.
Тука треба да се обрати внимание на изворите на информирање кои покажуваат една изразена про-руска тенденција, или се директно руски извори на информирање. Тука темата се надувува над секоја мерка и таа веќе доби лажна форма на регионална трка во вооружување - која не постои - и подготовки за некаков вооружен судир, кој исто така е фикција," објаснува новинарот на Дојче Веле, Даниел Шунтер.
Дејан Анастасијевиќ од Време објаснува дека не е спорно дека на српската војска и е потребно подновување по сите основи, проблемот е што обновата се труби преку сите можни медиуми, додека земјата се уште е со одбранбена стратегија од 2009 година, "пред бегалската криза, пред војната во Украина, пред војната на Блискиот исток," па заради тоа не може да се очекува земјата плански да развива војска.
Воениот рок стана уште една од темите со која српските партии лицитираат пред изборите, и покрај високата цена на тој проект. Во ист правец се движи и размислувањето на Хрватите на кои математиката пак им излегла дека е премногу скап проект, па сега разгледуваат опција за редовен воен рок кој се служи само во летните месеци, затоа што немаат пари за зимска облека и опрема.
Според Шунтер и темата задолжително служење војска е дел од "арсеналот на медиумско спинување", без разлика дали обезбедувањето на границите во време на бегалска криза бара побројна војска. Анастасијевиќ пак смета дека муабетот со милитаризација на јавниот и медиумски простор само делумно може да се објасни со политичка пропаганда:
"Тука, секако, има пропаганда, но стариот светски поредок сепак не се држи баш најдобро. А покрај тоа, балканскиот регион веќе некое време е прилично запоставен - и тоа од ЕУ, но и од САД во време на Обама. Сето ова доведува до тоа дека сите држави тука се чувствуваат несигурно. А кога државите се чувствуваат несигурно, тие почнуваат да се вооружуваат. Ние, за жал, ги следиме лошите глобални трендови, а ова е еден од нив."