Состојбата на човековите права
Злоупотребата на човековите права во Грција опфаќа слобода на говор, дискриминација на малцинства, физичко малтретирање на притвореници и затвореници, и прекршување на верските слободи.
Неколку случаи на слобода на говор и понатаму се во постапка или на апелација во 1993. Прашањата на малцинствата се предмет на шест судења одржани во 1992 и 1993 против грчки граѓани за мирно изразување на своите ставови. Во еден случај двајца новинари се прогласени за виновни за навреда и осудени на седум месеци во затвор заради колумна околу „негрчкоста“ на турските малцинства во западна Тракија. Останатите пет случаи, некои и од 1992, се однесуваат на говор околу Македонија, или припадник на македонското малцинство во Грција. Темата Македонија е екстремно чувствителна и емотивна во Грција. Грчката влада се спротивставува на користење на зборот „Македонија“ за опишување на поранешната југословенска република, бидејќи „Македонија“ исто така е име на регион во северна Грција. Привремен компромис е постигнат во април 1993, кога републиката беше примена во О.Н. под привремената референца „Поранешна југословенска република Македонија“.
Петте обвиненија за дисидентство кои ја опфаќаат „Македонија“ се основаат на јавно изразување мислења спротивни на ставовите на грчката влада. Ниту еден од обвинетите не е обвинет за насилни дела или друго криминално однесување.
Петте случаи се:
- Петмина троцкисти се обвинети за „ширење лажни информации и гласини кои може да предизвикаат нервоза и страв кај граѓаните и нарушување на меѓународните односи на Грција“ и „поттикнување на соперништво и поделба меѓу граѓаните која ќе доведе до нарушување на мирот.“ Нивните наводни злодела се создавање на памфлет со девет кратки есеи на тема „Кризата на Балканот: Македонското прашање и работничката класа“. На 7 мај судот во Атина ги ослободи сите петмина обвинети по еднонеделно судење. На 12 мај јавниот обвинител ја обжали пресудата.
- Во мај, двајца активисти од македонското малцинство се осудени на 5 месеци затвор и казна од 100.000 драхми (околу 435 долари) затоа што за магазинот Ена изјавиле дека „се чувствуваат Македонци“, и за тврдењето дека во Грција има над еден милион Македонци. Тие се обвинети за ширење лажни информации за негрчкоста на Македонија, и за поттикнување конфликт меѓу грчките граѓани преку правење разлика меѓу оние што го говорат словенскиот јазик и Грците. Случајот од ноември е на Апелација.
- Во мај 1992, четворица членови на анти-националистичката група се обвинети за дистрибуција на леток во кој се повикува на мир на Балканот и спротивставување на официјалната грчка надворешна политика и политиката кон малцинствата. Тие се обвинети за споделување на лажни информации и обид за поттикнување на граѓаните на насилство и неслога, и за нарушување на пријателските односи со друга земја. Овој случај беше на Апелација во 1993.
- Во декември 1992, беше осуден 17-годишен средношколец за дистрибуција на леток во кој пишува „Александар Велики: Воен криминалец; Македонија ѝ припаѓа на нејзиниот народ“. Тој е обвинет дека се обидува да предизвика поделба меѓу граѓаните и нарушување на мирот. Неговата жалба е на чекање од 1993.
- Шест члена на Организацијата за реконструкција на Комунистичката партија се обвинети во 1992 за клеветење на властите, поттикнување на граѓаните, создавање поделба во заедницата и нелегално објавување огласи на кои пишува: „Не за патриотите. Признајте ја Славомакедонија.“ Тие се осудени на 6 и пол месеци затворска казна, а случаите беа на апелација во 1993.
Сите овие обвиненија се прекршување на правото на слобода на изразување кое е гарантирано од меѓународното право.
Грчката влада дискриминира против етничките малцинства, вклучувајќи ги и етнички Турци во западна Тракија. Направени се некои значителни подобрувања од првиот извештај на Хелсинки воч (претходникот на Хјуман рајтс воч) од 1990 во однос на проблемите на етничките Турци: во 1993 етничките Турци можат да купуваат, продаваат и да ги поправаат своите куќи и имот; да ги поправаат џамиите; да отвораат мали бизниси; и да добијат дозвола за автомобил, камион и трактор. Сепак, остануваат сериозни проблеми. Голем број Турци се лишени од државјанство, а други се малтретирани од полицијата. Асоцијациите и училиштата не можат себе да се нарекуваат “турски“. Весници, книги и списанија на турски јазик не можат да бидат увезувани од Турција. Етнички Турци се соочуваат со дискриминација при вработување во администрација и во добивање на јавни услуги. Проблемите во образованието вклучуваат немање компетентни наставници на турски јазик и учебници на турски јазик, и недостаток на средно образование за студентите од турски етникум. Проблемите околу религиозните слободи вклучуваат избор на муфтии, верските лидери на муслиманската заедница, и контрола на добротворните прилози. Турското малцинство силно се спротивстави на државното назначување на муфтии, и си избра свои; спорот и понатаму не е решен. Што се однесува на добротворните прилози, етнички Турци се побунија против државната контрола на нивните добротворни прилози.
Етничките Турци се признати како малцинство од грчката влада, која нив ги ословува само како „муслимани“. На здруженијата им е забрането да го користат зборот „турски“ во својот назив.
Македонското малцинство не е признато како малцинство. Властите отфрлаат постоење на македонско малцинство или дека во северна Грција се зборува македонски јазик. Македонски активисти тврдат дека има еден милион Македонци во Грција; грчките власти тврдат дека има само мала група „славофонски“ активисти. Македонските активисти се следени, малтретирани од полицијата, често пати им е одбиена можноста за вработување во државна служба и се прогонувани за слободен говор. Ним не им е дозволено да основаат училишта во кои ќе го предаваат македонскиот јазик, а нивните деца не можат да учат на македонски во државните училишта.
Основани извештаи, вклучително и оние од Амнести интернешнл, наведуваат дека притворените и затворениците се физички малтретирани. Основани извештаи исто така наведуваат дека на удар се и религиозните слободи. Потребна е дозвола од владата (која често пати не се доделува) за воспоставување на каков било верски храм. Наводно малтретирани се Јеховини сведоци, а нивните свештеници се затворани заради избегнување на служење војска и покрај законите кои наведуваат дека свештеници (вклучително и оние од Јеховини сведоци) не подлежат на задолжително служење војска. Хелсинки воч се уште ги нема истражувано овие обвинувања.
Право на мониторирање
Грците кои се обидуваат да ги следат овие прекршувања на човековите права се малтретирани. На пример, следејќи ги проблемите на македонското малцинство, мониторите се нарекувани „агенти на Скопје“, следени се а понекогаш и не им дозволен пристап да државните функционери. На надворешните организации им е дозволено да ги мониторираат човековите права, меѓутоа нивните делегации во Грција редовно се следат. Мисијата на Хелсинки воч и во западна Тракија и во провинцијата западна Македонија отворено и редовно е следена.
Американска политика
Грција останува важен сојузник на САД. Во 1993 таа добива 315 милиони долари во воени позајмици и 265.000 долари воени грантови. Во извештајот за 1992, Стејт департманот наведе серија прекршувања на човековите права во Грција; лошо третирање на притвореници и затвореници; злоупотреба на нелегални мигранти; ограничување на слободата на говор, здружување и религија; одземање на државјанството на грчки граѓани кои не се етнички Грци; дискриминација против Ромите; и насилство против жените. Сепак, администрацијата на Клинтон немаше никакви јавни напори за убедување на грчката влада да ја смени својата пракса.
Работата на Хелсинки воч
Стратегијата на Хелсинки воч за работа во Грција вклучува објавување на злоупотребата на човековите права од страна на владата; обид да се убеди грчката влада да преземе ефикасни промени (кои беа успешни во однос на турското малцинство); обид за влијаење врз меѓународната заедници и американската влада да ја убедат грчката влада да ги исполни меѓународните стандарди и договори што ги има потпишано.
Работата на Хелсинки воч во Грција во 1992 се фокусира на три области: слобода на изразување и третманот на турското и македонското малцинство. Во 1993, Хелсинки воч и Фондот за слобода на изразување испратија мисија во Грција и објавија документ „Грција - Судење на слободата на говор: владата го гуши дисидентството околу Македонија“. Исто така во јули беше испратена мисија во северна Грција за да се испитаат проблемите на македонското малцинство; извештајот се планира за почетокот на 1994.