- Повик за креативно решение на тема: „Зависност од мобилни телефони и социјални мрежи"
- Целосна котизација, платен пат и сместување за победникот
На отворениот повик може да учествуваат сите млади дизјанери (родени после 16 октомври 1985 година) со креирање на постер-решение на тема: „Зависност од мобилни телефони и социјални мрежи".
Крајниот термин за пријавување со идејно и креативно решение е 28 септември, а прогласувањето на победникот е предвидено да се случи на 1 октомври.
Првонаградениот постер ќе добие платен авионски превоз до Порторож, хотелско сместување и целосна котизација за овој реномиран фестивал.
Мобилните телефони веќе долги години се неизоставен дел од нашето секојдневие, а ова особено се однесува за генерацијата родена во дигиталниот свет. Истражувањата на Европската Унија потврдуваат дека употребата на мобилните или паметните телефони рапидно е порасната и тоа кај возрасната група меѓу 9 и 16 години. Децата во земјите каде се извршени истражувањата, во просек, за прв пат започнуваат со користење на интернет на возраст од 8 години, додека својот прв мобилен телефон го добиваат на возраст од 9, а започнуваат активно да ги користат веќе со навршени 12 години, додека возрастакога за првпат остваруваат контакт со интернет и гаџети, се намалува од генерација на генерација. Околу две третини од адолесцентите имаат профили на една од социјалните мрежи, и истовремено се генерално сигурни (потврдено со 79%), дека знаат како да ги користат на паметните телефони подобро од нивните родители.
Македонски Телком се грижи за етичко користење на мобилните телефони, особено кај адолесцентите.
Оваа актуелна тема е интересна за креативно изразување а сите заинтересирани млади креативци можат да ги споделат своите идеи и размислувања на зададената тема и да ги испратат своите предлози на: andrej.pavlovski@avaddb.com.mk или contact@avaddb.com.mk
Golden Drum е реномиран интернационален маркетинг фестивал кој своето прво издание го имаше во 1993 година. Оттогаш па се до денес успеа да се издигне во најголем и најважен фестивал во регионот кој на едно место ги обединува креативноста на маркетинг агенциите и различните култури од повеќе земји (Австрија, Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Република Чешка, Египет, Естонија, Финска, Грузија, Грција, Унгарија, Израел, Казахстан, Косово, Киргистан, Латвија, Либан, Литванија, Малта, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Турција, Таџикистан, Туркменистан, Украина и Узбекистан).
Овој настан се одржува еднаш годишно во Порторож и се состои од богата и разновидна програма исполнета со предавања од страна на признати меѓународни професионалци и светски ѕвезди во рекламната индустрија. Македонски Телеком втора година по ред е партнер на Golden Drum.
Повеќе информации за правилата за учество на следниот линк: http://www.goldendrum.com/en/competition/yd-competition-macedonia/
Македонски Телеком
Корпоративни комуникации
press@telekom.mk/02 3242 –566/506