Волкот, дебелиот врат и пет кинески убијци

Трагајќи од старата кинеска мудрост „зошто да убиеш човек за пари, кога можеш да земеш пари и да му платиш на друг да го убие“, пет потенцијални убијци и еден нарачател завршуваат на суд во Кина.

Според судот во јужна Кина, есента 2013 еден тамошен бизнисмен со недвижности најмува човек за да го убие неговиот конкурент бидејќи го тужи на суд.

Убиецот за услугата добива 280.000 долари, меѓутоа во некој момент се пишмани околу целиот ангажман па решава работата да ја аутсорсира кај друг убиец и да му даде половина од парите што ги земал. Да скратиме приказна, истото ова се случува уште три пати, за последниот, петти убиец да добие 14.000 долари за извршување на задачата.

Затоа што на петиов не му се убива човек за 14.000 долари, тој ја контактира својата потенцијална жртва и му кажува „не сакам да те убијам за 100.000 јуани (14.000 долари) ама ќе мора да соработуваш со мене.“

Планот е да исценираат убиство, да го сликаат и фотографиите да му ги испратат на нарачателот како доказ. Ова успева, а бизнисменот што треба да биде убиен едно десетина дена го снемува од градот. Проблемите за низот убијци почнуваат кога овој се враќа во градот и решава целиот случај да го пријави во полиција.

Групата од 5 + 1 се уапсени и добија казна затвор меѓу седум месеци и 5 години.

22 октомври 2019 - 12:12