Почнавме ли да заглупуваме?

Иако општите трендови досега покажуваа стабилен раст на квоциентот на интелигенција, сега се јавуваат обратни трендови. Некои скандинавски земји паѓаат уште од 90-тите години.

Иако 15 минути поминати во читање коментари по социјални мрежи остава сосема спротивен впечаток, по доста параметри живееме во златната ера на интелигенцијата.

Откако е измислен тестот за интелигенција пред едно 100 години, нашите IQ резултати постојано растат. Дури и денес просечен човек би можел да се смета за генијалец кога би бил мерен во 1919 година, што е феномен познат како Ефектот на Флин. 

Уживајте додека трае. Најновите податоци сугерираат дека тој тренд забавува па дури и оди контра, што значи дека веќе сме го поминале зенитот на нашата памет. 

За да се разбере концептот на интелигенцијата, потребно е враќање на нејзините извори, во моментите кога човекот се исправа, пред повеќе од три милиони години. Скенови на фосилни черепи покажуваат дека нашите први двоножни варијанти, Аустралопитекусите, имале мозок од околу 400 кубни сантиметри, што е една третина од големината на мозокот на денешните луѓе. 

Растењето на мозокот доаѓа со трошковна страна: мозокот на денешните луѓе троши околу 20% од енергијата на целото тело и оттука, поголемите мозоци морале да понудат некој бенефит за да се компензира смислата на тие трошоци. 

Има многу потенцијални причини за ваквиот раст на мозокот, но според водечката теорија, тоа е одговор на сè поголемите когнитивни барања на групното живеење. Луѓето почнуваат да се собираат во сè поголеми групи, иницијално заради заштита од предатори: многу поризично е да се спие на земја откоку на гранка.

Но, како што и нам ни е јасно од нашите социјални кругови, живеење со други луѓе знае да биде напорна работа, да мислиш на нивните табиети и тертипи, да проценуваш кој е за верба а кој не.... Кога од другите ти зависи и уловот, односно дали ќе имаш што да јадеш, тогаш зависноста е многу поголема. Немањето социјални вештини денес може да значи блам, но тогаш било прашање на живот или смрт.  

Живеењето во големи групи исто така им овозможува на членовите да споделуваат идеи и да се надградуваат едни на други, што овозможило технолошки и културолошки иновации, на пример, за зголемување на ефикасноста на ловот. За да функционира тоа, потребна е интелигенција да се посматраат другите и да се учи од нив, што е дополнителен гас за развој на моќта на мозокот.

До пред 400.000 години, мозокот веќе има кубикажа од 1.200 сантиметри, само за нијанса помалку од денес, кога носиме 1.300 кубни сантиметри. Кога нашите предци ја напуштаат Африка, веќе се доволно паметни да се адаптираат на живот во речиси секое катче на планетава. Фасцинантната пештерска уметност покажува и дека биле способни за размислување за големи космолошки прашања, вклучително и за тоа од кај сме дојдени и што мајка бараме овде. 

Модерните промени во човековиот IQ не ќе да се производ на некаква генетска еволуција. Премал е периодот за такво нешто. Дури и тестот постои само 100 години и се темели на уверувањето дека многу когнитивни способности се меѓусебно поврзани. Затоа се смета дека тие се индикатор на „генерална интелигенција“. Често се и критикувани но доволно истражувања потврдуваат дека нивните резултати можат да бидат корисен индикатор за нечиј перформанс за различни задачи.

Кога истражувачот Џемс Флин решава да погледне во резултат од од последниот век, открива стабилен пораст, околу 3 поенти за една декада. Во некои земји тоа е кумулативно и 30 поени плус.

Иако дебатата за причините за Ефектот на Флин и натаму е отворена, постои согласност дека причините лежат во разни надворешни фактори а не во некаква генетска промена.

Добра споредба е онаа со висината: денес сме 11 сантиметри повисоки отколку во 19 век. Тоа не значи дека се смениле гените туку дека се променило општото здравје и здравствена состојба. Подобра медицина, намалување на детските инфекции, се тврди и дека намалувањето на оловото во горивото има влијание, и врз нашиот раст и врз моќта на мозокот бидејќи оловото може да го забави когнитивниот раст. Со други зборови, колку почисто гориво користиме, толку сме попаметни. 

Вио иста насока е и тоа што модерните општества учат поколенија на апстрактно мислење уште од најмала возраст: Погледнете компјутер и тоа колку симболи има тој кои треба да се знаат за да се изведе некоја операција.

Но, ние уште не откривме што го предизвикува Ефектот на Флин а интелигенцијата веќе почнала да опаѓа. Растот забавува а почнува и да оди во спротивна насока. На пример, Финска, Норвешка и Данска својот врв на интелигенција го имаат достигнато некаде во 90-тите години. Оттогаш, IQ-to паѓа по 0,2 поени секоја година, што доведува до 7 поени разлика меѓу двете генерации.

Бидејќи се појавија неодамна, овие трендови се уште потешки за објаснување од Ефектот на Флин. Една можност е дека образованието денес е помалку стимулативно од некогаш или барем дека не таргетира исти вештини. Дел од тестовите се однесуваат на способноста на ментална аритметика, но за тие задачи одамна се потпираме на дигитрони и компјутери.

„Луѓето денес веројатно се подобри во разбирање на комплексните телефони или технолошки иновации отколку на почетокот на минатиот век. Но, во смисла на однесувањето како општество, дали сте импресионирани со оние дополнителни 30 IQ поени кои ни ги донесе развојот? Американските избори во 2016 беа инфантилни како и многу други претходно. Повисокиот IQ не донесе со себе и решавање на главните светски и државни проблеми: нееднаквост, сиромаштија, климатски промени, загадување, насилство, опоиди....“ песимистички констатира психологот Роберт Стернберг од универзитетот Кромвел.

Други потсетуваат дека интелигенцијата не е универзален противотров за секоја човечка слабост. И за предрасуди, и за паѓање во евтини потрошувачки замки, и за многу други проблеми. На пример, на луѓе секогаш подобро им звучи „95% без мрсно“ отколку „5% мрсно“, без оглед на тоа колкав ај-кју имаат. И тоа некои многу добро го знаат и многу добро го користат.

15 јули 2019 - 16:13