„Оската Сели“ - американската спикерка која ширела нацистичка радио-пропаганда

Сонувала да биде бродвејска актерка. Но завршила како десна рака на Гебелс, кој користејќи го нејзиниот глас и џез музика изведена во живо, преку кратките бранови ја ширел наци-пропагандата.

Нацистите во џез музиката гледале можна алатка за отпор и анархично однесување. Оттаму, како што пишувавме во „10-те наци џез заповеди“, е јасно зошто сакале да ја „дисциплинираат“. Но од друга страна, ја користеле нејзината популарност секогаш кога им била потребна. Во случајов токму за анти-американска пропаганда, комбинирана со глас на алси Американка, позната под името „Оската Сели“.

Родена како Милдред Елизабет Сиск во Портланд, Мејн во 1900, „Аксис Сели“ била една од најозлогласените Американки на 20 век. Неуспешна бродвејска актерка, таа станала радио спикерка, во текот на Втората светска војна регрутирана од германското разузнавање за преку радио програмите, некаде помеѓу хитовите на биг-бендовите и жешкиот свинг, да промовира антисемитизам, и да зборува против актуелната американска политика. Сето тоа фино срочено за да не боде уши како политичка пропаганда, и тоа од страна на германскиот љубовник на Милдред. И покрај тоа што главно го читала она што ѝ било напишано, таа сепак внимавала да не премине некоја граница што би значело судење за предавство во случај нацистите да ја загубат војната. Нешто што, и покрај сета предострожност, сепак се случило.

„Миџ“, како што ја нарекувале, секогаш се сметала себеси за забавувач. Сонувала да биде актерка, иако не успеала да ги заврши студиите по глума. На возраст од 31 година, разочарана од постојаниот неуспех, најпрвин влегла во врска со Британец (по потекло Евреин) со кого заминала во Алжир. Но тие набргу се разделиле, а Миџ некако се нашла во Берлин, и тоа токму во 1934, годината кога Хитлер се прогласил за „спасител“ на Германија. Нашла работа како учителка по англиски, а пишувала и театарски и филмски критики. Во 1940, очајна за пари, се вработила во германското радио.

Гебелс, шефот на пропаганда на Хитлер, барал некој токму како неа - жена со убав глас, чии пораки нема да бидат сфатени од прва рака како пропагандни. Особено значајни биле кратките радио бранови кои сојузниците ги користеле во текот на војната за да допрат до слушатели низ Европа и преку Атлантикот. Но „тевтонскиот“ акцент на германските спикери биле преочигледни и оттаму непожелни. Миџ имала познат, средноамерикански говор и на Американците им звучела разбирливо и (како што се надевал Гебелс), убедливо.

Според досието од судењето за предавство од 1949, Џиларс ги започнала своите задачи како најавувач на програми и актерка во радио драми. Таа никогаш не очекувала дека САД ќе влезат во војната. Но по Перл Харбор веќе ѝ станало јасно како стојат работите. Не можела ни да се врати во земјата затоа што американската амбасада во Германија ѝ го одзела пасошот, а нејзиниот германски љубовник - физичар - ѝ рекол дека ако воопшто се обиде да се врати нема да ја ожени.

Тој загинал на источниот фронт, но Џиларс не останала долго сама - наскоро влегла во сериозна врска со оженетиот Макс Ото Кошвиц, висок службеник во германското министерство за надворешни. Тоа само ја продлабочило нејзината соработка со нацистичките служби. Но помогнале и нејзините сопствени креативни идеи, како онаа во програмата да оди џез музика свирена во живо. Тоа само додало на „американскоста“ на преносите и ја зголемило нивната популарност.

Во текот на војната таа постојано се надевала дека Кошвиц ќе ја напушти жена си и ќе ја ожени. Но тој тоа не го сторил дури ни кога неговата сопруга умрела во бомбардирање. Наскоро, во 1944, и самиот починал. Со тоа згаснала и последната надеж дека Џиларс некогаш ќе добие германско државјанство и дека оттаму нема да може да биде судена во САД.

Пронајдена е во 1946, а судена две години подоцна. Но по десетте точки на обвинението, била осудена само за една, со парична казна од 10.000 долари и до 30 години затвор. Пуштена е по 12. Во затврот се преобратила во католицизам, а подоцна предавала во манастир во Охајо. Нејзините соседи немале поим за нејзиното минато, до смртта во 1988, кога за тоа дознале од медиумите. Во моментов нејзините лик и дело се повторно актуелни заради првата нејзина биографија на радио ентузијастот Ричард Лукас, а се работи и на сценарио за филм базиран врз нејзиниот живот.

28 септември 2018 - 09:44