По повеќе од половина вековна активност, само што требаше да се запишат во книгата на гинисовите рекорди, поради смртта на повеќето актери згасна работата на скопската Гуецова дружина во мал фудбал. Спомените и сеќавањата на нејзиното постоење ги постилавме пред богатата меморија на оваа дружина. Хроничар ќе забележи: Во летото 1960 година на кошаркарското игралиште на Вардар, а потоа и на помошното фудбалско игралиште на скопскиот прволигаш на две мали импровизирани голчиња заиграа:
Д-р Васил Гривчев, Коста Бојаџиев - Гитла, Ристо Панов – Кампинг, Стојан Блажевски – Сељакот, Методиј Саздовски – Гуец, Атанас Петровски – Тоска, Ѓоко Симоновски – Кинез, Атанас Попстефановски – Грчето, Владо Јаневски – Мачки, Ѓоко Саревски – Ѓукле, Димитар Стојановски – Кук, Диме Николовски, Миле Тренковски – Тонтрук, Мито Бојаџиев – Волчето, Благоја Анчевски – Дечко, Дракче Цветковски – Шумарот, Франц Кулеванов, Димитар Стојановски – Џандарот, Данило Поповиќ – Водникот, Васко Кокиновски – Макара, Живко Поповски – Чик, Боро Мандиќ, Бранко Давидовски – Мајка, Ивко Панговски – Зорка, Антон Серечи и други.
Од тогаш секој понеделник и петок во попладневните часови освен во трите августовски најтопли недели, по убаво и лошо време, по снег и дожд, членовите на оваа дружина која од време навреме се обновувала и со нови сили, поделени во два тима од по 4, а понекогаш и по 6 фудбалери се натпреваруваа на мали голчиња. Победите заеднички се слават, а победените беа должни да го признаат поразот со тоа што ќе ја испеат песната: „Четири коња дебела јашу преку Бегеја“...За возврат подобриот тим ќе отпее утешителна песна, упатувајќи ги победените да учат за да не доживеат нов пораз на наредната средба. Пеењето на песните ја придружуваше хармоникаш кој специјално доаѓање од Куманово кој за целиот тек на играта пееше од сите краишта на тогашна Југославија.
Натпреварите на меѓусебно поделените играчи од дружината се играа во облог кој понекогаш предвидуваше плаќање на туширање, а верната многубројна публика беше сведок и на помрсни облози кога на игралиштето се јадеа печени кокошки, прасиња и јагниња. Протоколот беше строг: Најпрвин менито беше сервирано за победниците, Победените чекаа најпрвин да добијат коски, а потоа дел од менито при што ако се најдеа кокошки за цело време извикуваа: Кукурику, кукурику, кукурику, а ако се јадеше печено прасе победените мораа да викаат: Гуц, гуц, гуц, додека блекањето предизвикуваше најголема смеа бидејќи победниците мирно јадеа јагнешко, се смееа, а победените од страна блекаа: Ме, ме, ме за да на крајот сите седнат со дел од публиката, под звуците на хармониката да се докусури целото мени.
Сведоците раскажуваат дека во текот на натпреварите доаѓаше до несогласување околу правилата, дали голот е или не е регуларен во чие толкување учествуваше и публиката. Меѓутоа главен збор сепак имаше таканаречениот сојузен капитен Коста Бојаџиевски – Гитла, чија одлука беше конечна и без приговор. Тој мирно ги слушаше сите клетви што меѓусебно ги искажуваа завадените играчи како на пример: Не лажам, да ми умреш ако те лажам!. Да ми умре страчката што ја згазив на автопатот. Верувај ми, се колнам во Клинтовица, да даде Господ никогаш да не се прежениш бидејќи не ја кажуваш вистината.
Работата на оваа рекреативна дружина ја помагаа многу работни организации од Скопје, а мини маркетингот со години по ред успешно го водеше Хари Зографски, кој беше одговорен и за набавка на опремата.