Што се случува со Алкараз?

Еден од најдобрите тенисери на денешницата, младиот Шпанец Карлос Алкараз се повреди на 15-ти април, некаде пред четири недели во Барселона. Го предаде натпреварот од 2. коло на турнирот без игра. Веднаш го откажа учеството на силниот турнир во Мадрид, па откажа и во Рим и на Ролан Гарос.

Има повреда на рачниот зглоб од која се опоравува.

Во големо интервју за „Венити фер“, тенисерот кој минатата недела наполни 23 години вели:

„Не сакам да се претворам во роб на тенисот, да западнам во монотонија од која сакам да побегнам. Сакам исполнет живот и надвор од теренот. Така ми е полесно и да го пружам максимумот на него. Со тек на време сфаќаш што ти е неопходно. Имаше моменти кога не сопирав, кога не се одвојував од тенисот и тогаш не играв добро или се повредував. Свесен сум дека живеам живот од соништата, но понекогаш сакам да живеам и како нормален 22-годишник“, вели Алкараз.

Пред повредата во Барселона, Карлос Алкараз го изгуби финалето на мастерсот во Монте Карло и го изгуби првото место на светската ранг листа од Јаник Синер. Италијанецот одлично го користи отсуството на Алкараз, влезен е во серија победи и прави се да ја зголеми разликата на АТП ранг листата во однос на Шпанецот кој не брза со враќање на терен.

Иако се уште нема официјален датум на неговото враќање во игра, некои шпански медиуми веќе објавија дека термините од средината на јуни и серијата 500 во Квинс биле најпосакувани од тимот на Алкараз кој таму би се спремал за Вимблдон.

Но постојат и претпоставки дека Шпанецот би можел да ги пропушти и тие два турнири што значи дека ќе го нема и на големиот лондонски Грен слем. Се со цел максимално да се опорави, да се одмори и да се врати целосно подготвен.

13 мај 2026 - 14:20